ММС

Објавено на: 03/18/20 4:10 PM

Штипски кризен штаб: Се затвара градскиот пазар а нема да има ниту качување на Исарот

Општинскиот кризен штаб на Штип денеска донесе одлука да се затвори Градскиот пазар, како превентивна мерка да не се шири корона вирусот меѓу населението.

Градоначалникот Благој Бочварски, кој раководи со Штабот, рече дека СВР Штип ќе продолжи со зголемени патроли на сите јавно-прометни површини во текот на попладневните часови, на спортските терени во градот, на плоштадите и патеките за прошетка и секаде кадешто има поголема концентрација на граѓани.

-На 22 март на денот на пролетта, се забранува одржување на традиционалното качување на тврдината Исар по повод обичајот „Чет’рсе“, поставување какви било подвижни тезги за малопродажба и сите останати настани поврзани со овој празник, поради што ќе биде поставена патрола на СВР Штип и редарска служба од јавните претпријатија на сите влезови до тврдината Исар, со цел воведување забрана за движење на граѓаните, а со тоа и дополнителна заштита, истакна Бочварски.

Штипскиот кризен штаб апелира до куќните совети во колективните станбени згради, да извршат дезинфекција во своите влезови, во лифтовите и во сите заеднички површини.

-СВР Штип ќе ја зголеми контролата за сите возила со странски регистарски таблички кои влегуваат во градот со што ќе се врши уште еден начин на заштита во оваа состојба. Општина Штип ќе преземе обврска во насока на набавка поголема количина заштитни средства, дезинфекциски средства, маски и ракавици за потребите на Општината и на сите институции на територијата на Штип со што ќе се придонесе за заштита на вработените, а со тоа и на граѓаните, рече Бочварски.

Општинскиот штаб за заштита и спасување апелира до граѓаните да пријавуваат повратници од странство кои не ги почитуваат насоките од Министерство за здравство и Владата на бројот на МВР 192. Бочварски повика, пензионерите, лицата со посебни потреби и лицата со други болести да не ги напуштаат своите домови доколку не е неопходно и да ги користат телефонските броеви на Општина Штип 078 472 621 и 032 226 623 со што мобилните екипи ќе им излезат во пресрет за нивна помош од типот на  плаќање на сметки, пазарување на основни намирници за исхрана, подигање на лекови од аптека и достава до живеалиштето.

Продолжува дезинфекцијата на улиците и на виталните институции во градот, но и пред маркетите и аптеките, каде што има поголема фреквенција од граѓани.

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.