– ММС
Вести Македонија

Димитров: Атрактивноста на ЕУ е во нејзиниот наратив, но за да биде одржлив ни треба повеќе од ветување на хартија

Атрактивноста на ЕУ е во нејзиниот наратив, но за истиот да биде одржлив ни треба повеќе од ветување на хартија. Партнерствата се валоризираат низ призмата на ветувањата и очекувањата.   А нашите очекувања од ЕУ се повеќе од оправдани, истакна министерот за надворешни работи Никола Димитров вчера на Карловиот Универзитет во Прага.

Димитров имаше настап на панелот „Неисполнетото ветување на ЕУ за Западен Балкан – време за стратешка одлука во рамки на Хрватското претседателство со ЕУ” што беше дел од дебатата насловена „Заживување на агендата на проширувањето на ЕУ: 2020 – нова можност за Западен Балкан” во организација на Европскиот институт за политики – ЕУРОПЕУМ.

Како што е наведено восоопштението од МНР, на аудиториумот составен од претставници на тинк тенк заедницата, академската заедница, невладини организации, дипоматскиот кор, министерот Димитров им го претставил македонскиот случај во контекст на евроинтегративниот пат и предизвиците на истиот.

Запознавајќи ја публиката со историскиот и политичкиот контекст од независноста и реактуелизирањето на политиката на проширување, министерот Димитров го потенцирал претстојниот период како есенцијален, каква што е и корелацијата на резултатите и временската рамка од пролетната агенда на ЕУ.

Копанелестите, чешкиот заменик-министер за надворешни работи Алеш Хмелаж, директорот на институтот Владимир Бартовиц, Јана Јузова, експерт за Западен Балкан во Еуропеум и соговорниците од публиката во разговор со министерот Димитров ја коментирале позитивната динамика на политиката на проширување од октомври минатата година, што им дава за право да очекуваат наскоро и позитивен исход за Северна Македонија.

Во рамки на првиот ден од работната посета на Прага, покрај билатералната средба со чешкиот министер за надворешни работи Петричек и учеството на панелот, министерот Димитров имаше средби и со претседателот на Долниот дом на чешкиот Парламент Радек Вондрачек и со државната секретарка за европски прашања Милена Хрдинкова на кои беше изразена силна поддршка за Северна Македонија за отпочнување на пристапни преговори со ЕУ, поздравени реформските постигнувања и добрососедските односи.

Министерот Димитров денеска ќе учествува на годишниот состанок на Министрите за надворешни работи од земјите од Вишеградската група – V4 и земјите од Западен Балкан – WB6, што се организира во рамки на Чешкото претседавање со Вишеградската група.

Лограње

X

Регистрација