ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 02/24/20 12:18 PM

„Стадион“: Ќе престане ли корупцискиот брак меѓу партиите и медиумите – државни пари за медиумски опстанок или „шепот“?

Со консензус, преку законски измени, политичките партии се договорија државата да им ги плаќа медиумските кампањи. Медиумите за претстојните парламентарни избори на 12 април треба да добијат нешто повеќе од 3,6 милиони евра, од кои 25 отсто, околу 900.000 евра, се за 160 портали кои конкурирале за средства од државниот колач. Од нив, некои биле неодамна регистрирани. За последните претседателски избори, кога почна процесот на вакво финансирање на партискиот предизборен мркетинг, имало пријавено повеќе од двојно помалку портали – 74. Трошењето јавни пари во медиумите, се чини, останува недоречено и нерешено прашање, а со тоа и сомнежите дека ќе престане „бракот“ меѓу партиите и најголем дел од медиумите, иако скандалозните владини реклами се забранети. Финансирањето на политичките партии и на изборните кампањи одамна беа посочувани како голем извор на клиентелизам. На локално ниво, пак, и покрај забраната за издвојување средства за рекламирање во локални и регионални медиуми на општините и јавните претпријатија, се изнаоѓаат „креативни“ решенија тоа да се прави, а парите, за кои уште се наоѓаат начини како да се „испумпуваат“, најчесто одат за „пријателски“ медиуми.

На оваа тема беше посветена саботната емисија „Стадион“ на „Канал 77“ од серијалот „Парадокс“. Гости на Столе Наумов во студиото му беа претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Оливер Дерковски, и политикологот Борјан Ѓузелов. Телефонски се вклучија или беа емитувани снимени разговори со нив и Драган Секуловски од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Димитар Мицев од регионалната телевизија „Вис“ од Струмица, Катица Николовска од Антикорупциската комисија и градоначалникот на Гевгелија, Сашо Поцков. Во емисијата беше презентирана истражувачката новинарска сторија на Весна Крстева „Државни пари за медиумски опстанок или за медиумски ’шепот’“ и анализата на новинарката Теодора Новеска за тоа како се регулирани овие прашања во повеќе соседни и подалечни земји.

Димитар Мицев од телевизијата „Вис“ го актуелизираше прашањето зошто медиумите потпишуваат договори со политичките партии, кои ги вршат и нарачките за предизборниот маркетинг, а плаќањето оди преку ДИК.

– Со одредбите практично се врши регулација на медиумскиот пазар за време на изборната кампања. ДИК се става во улога на регулатор на медиумскиот простор, улога што природно не му припаѓа. Сметам дека треба да се размислува во иднина, доколку се остане на ова решение медиумската кампања да се финансира со буџетски пари, строго да бидат дефинирани квантумот на средства, како што е сега, но и строго да биде дефинирано трошењето на тие пари. Или ќе треба да се зајакне капацитетот на ДИК или тоа да се префрли на други органи кои имаат такви капацитети за контрола на потрошените пари. Инаку, тешко ќе излеземе на крај со можноста за евентуални злоупотреби на средствата – рече претседателот на ДИК, Оливер Дерковски.

Политикологот Ѓузелов истакна дека и покрај тоа што партиите се раскарани за многу работи, во врска со овие законски одредби се договориле лесно.

– Мислам дека новиот закон отвора можност за намалување на класичната корупција поврзана со финансирањето на политичките партии, но по многу висока цена, која ја плаќаат граѓаните, односно даночните обврзници. Треба дополнително време за да видиме како тоа ќе се имплементира. Сега ќе ги имаме првите парламентарни избори според новиот закон. Потоа веројатно ќе треба да се направат некои законски измени. Ќе видиме, времето ќе покаже. Но, не верувам дека париите ќе се откажат од овие пари, од овој колач – нагласи Ѓузелов.

Банер за Супер7
1x1