ММС

Османи и Димитров во Париз ќе го слушнат францускиот став за новата методологија

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска се во Париз на разговори за европерспективите на Северна Македонија и новата методологија за проширување на ЕУ.

Османи и Димитров, според најавата од Секретаријатот за европски прашања, треба да имаат средби со Амели де Моншален, државен секретар во Министерството за Европа и надворешни работи, задолжена за европски прашања, како и со Клеман Бон, дипломатски советник за Европа на претседателот Емануел Макрон.

Планирано се средби и со претседателката на Комисијата за надворешна политика во Националното собрание, Мариел де Сарнез и со генералниот секретар за европски прашања при Владата на Франција, Сандрин Годен.

Во фокусот на разговорите ќе бидат европските интеграции на Република Северна Македонија, а во контекст на неодамнешното објавување на документот на Европската комисија за зајакнување на пристапниот процес, велат од СЕП.

Посетата на Париз на Османи и Димитров се случува во период на засилена дипломатска и државна активност, во врска со остварувањето на стратешката цел за добивање на одлука за почеток на пристапните преговори.

МИА

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за преземање.