– ММС
Кошарка Спорт

Дресот 13 на Буштур ќе стои меѓу трофеите на КК „ Работнички“

Дресот со бројот 13 кој низ целата кариера во КК „Работнички“ го носеше легендарниот кошаркар Благоја Георгиевски-Буштур е повлечен и ќе стои меѓу трофеите на клубот.

Ова пред неколку дена својот фејсбук профил го објави Саша Богдановиќ, градоначалник на Општина Центар, која е главен финансиер на клубот.

„Во разговор со играчите, стручниот штаб и фановите одлучивме бројот 13 од дресот на “КК Работнички” да биде повлечен од сите понатамошни натпревари и истиот да биде оставен во салата во Градски Парк во знак на сеќавање на нашата легенда“ – напиша Богдановиќ.

На ова се сложи и кошаркарот Љубомир Младеновски, кој место бројот 13, одсега ќе го носи дресот со број 15.

Повлекувањето на дресот претставува почит од најтрофејниот македонски кошаркарски клуб за Буштур кој пред една недела го загуби животот во сообраќајна несреќа.

Од КК „Работнички“ велат дека нормално е клубовите на сите големи играчи да им ги повлекуваат дресовите со бројот што го носеле. Тоа е практика и во светот, секако и кај нас. А „Работнички“ во своето постоење немал поголем играч од Буштур.


„Тоа е почит, внимание, значи дека играчот бил најдобар, го носел дресот со тој број и никогаш никој понатаму нема да го носи. Дресот ќе биде закачен во сала меѓу трофеите. Најдобриот заслужува да биде меѓу титулите. „Работнички“ има 15 титули, значи 15 знамиња ќе се веат крај дресот на најдобриот“ – велат од клубот.

Ова го потврди и градоначалникот Богдановски, и додаде дека титулите и Буштур се гордост на клубот и на секој натпревар на „Работнички“, фановите и навивачите на клубот ќе може да го гледаат.

Лограње

X

Регистрација