– ММС
Вести Македонија

Заев во посета на МАСИТ: Заедничка ни е целта, младите да ги задржиме тука

Во СДСМ интензивно работиме на креирање на изборна програма 2020-2024 година за која се надеваме дека ќе стане владина доколку народот така одлучи. Уште при создавањето на програмите сакаме да ги вградиме праксите, видувањата, предлозите, идеите и сугестиите од практичарите. Тука сме нешто директно да научиме од Вас, бидејќи Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии Масит е авангарда на иднината согласно дејноста на нејзините членки.

Ова го порача лидерот на СДСМ при денешната посета на МАСИТ каде тим од партијата оствари средба со членови на Управниот одбор на Комората.

-Од овде можеме да извлечеме многу убави поуки заради тоа што дигиталната економија, зелените работни места и високите плати се импакт кој се гледа преку сите членки на Масит. Верувам дека со вклучувањето на сугестиите од граѓаните, граѓанските организациии, здруженија, комори и синдикати како идна извршна власт ќе бидеме од поголема помош на правните субјекти, но и на граѓаните кои ќе бидат дополнително мотивирани да останат овде и да креираат работни места, рече Заев.

Претседателката на Управниот одбор на Масит, Анета Антова Пешева посочи дека МАСИТ е комора стара 20 години и додаде дека  на денешната средба сакаат да го прикажат нивниот предлог за реформа во бизнисот за, како што рече, да може да има поголем развој и натој начин да можат да ги задржат младите кадри во земјава.

-Многу сме свесни за одливот на кадри, а свесни бевме и пред да даде дозвола Германија од март таму да може да се работи без работна дозвола. Имаме теза дека во државата можеме да ги задржиме младите кадри кои се повеќе платени, отколку оние кои се со минимална плата. Во Македонија во октомври бруто платата во ИТ секторот беше 1.600 евра, а просекот во Германија е 4.000 евра. Ако ги споредиме трошоците таму и ваму  ќе видите дека таму ИТ секторот е послабо платен, рече Антова Пешева.

Токму преку вакви средби, посочи, сакаме да ја прикажеме нашата платформа што треба  да се промени во државата, специфично за ИТ секторот и за ИКТ индустријата, за да можеме да ги задржиме младите во државата.

-Имаме една голема предност. Нашиот извоз, кој изнесува 160,8 милиони евра во минатата година, не чека граници и не се носи стока со камиони. Можеме да направиме индустрија која ќе работи во земјава за странските пазари и ќе имаме успех да ги задржиме младите тука, потенцира Антова Пешева.

Во коментар лидерот на СДСМ рече дека целта им е иста – да се задржат младите во државата и тука да создаваат семејства.

-ИТ технологиите даваат можност да се работи од дома и при тоа да се испорачува насекаде во светот. Со трошоците што ги има во развиените земји и во Германија поисплатливо им е на младите кадри да останат дома. Со идеите кои сега ги разработуваме веруваме дека тоа уште повеќе ќе го поттикнеме. Предизвикот е тука дома, бидејќи во Германија е веќе постигнат развојот.  Токму тука може да се создава, да се креира и да се остави видлива трага, рече Заев.

МИА

Лограње

X

Регистрација