ММС

Османи: Франција има поомекнат став за почеток на преговори, од нас се очекува да го усвоиме законот за ЈО

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи најави дека наскоро ќе го посети Париз, со цел да ги слушне новите ставови на Франција во однос на почетокот на преговори, и да реферира што земјава направи во меѓувреме во имплементација на реформите. Посочува дека сите во ЕУ очекуваат да се донесе Законот за јавно обвинителство пред распуштање на Парламентот.

– Јас пред два дена комуницирав со министерката за Европа на Франција и договоривме моја скорешна посета во Париз за да ги слушнам новите ставови на Франција во однос на почетокот на преговори, и да образложам што ние направивме во меѓувреме. Ќе ни користат и овие информации што ги добив од Државната комисија за спречување на корупцијта за да зборувам со француските власти, рече Османи по посетата на ДКСК и средбата со претседателката на Комисијата Билјана Ивановска.

Вицепремиерот оценува дека Франција веќе има поомекнат став, доколку се следат сите изјави на претседателот Емануел Макрон.

– Мислам дека Франција веќе има поомекнат став и тоа ако ги следите сите изјави на претседателот Макрон, ако гледате дека расположението е позитивно и дека единствен услов таму е да се усвои новата методологија. Од нас очекуваат сепак да го донесеме Законот за јавно обвинителство, така што уште еден повик до политичките партии да смогнат сили да го донесеме овој закон пред распуштање на Собранието, подвлече Османи.

Во однос на новата методологија на преговарање, Османи рече дека неофицијално беше објавено дека ќе биде усвоена и објавена на 29 јануари, но вчера стигнале понови информации од Брисел дека може да се одложи до 6 или 7 февруари.

– Веројатно и таму врие во усогласувањето на методологијата. Дваесет и седум земји-членки треба да усогласат нов текст на методологија, меѓутоа сепак одржувањето на оваа динамика за нас е позитивно, рече вицепремиерот за европски прашања.

МИА