ММС

Лекарите во Велес очекуваат доправа да се шири грипот, од почетокот на годинава само тројца заболени

Во ЈЗУ Центар за јавно здравје во Велес од почетокот на годинава до денеска биле регистрирани само тројца заболени од грип и сите се возрасни. Но утре започнува наставата во второто полугодие за основците и средношколците, што значи  и поголема раздвиженост и контакти  и затоа лекарите  ги предупредуваат  и децата и возрасните да бидат внимателни.

Во изминатите години, најголем број на заболени од грип биле во месеците февруари и март.

Епидемиологот д-р. Билјана Трајкова, за МИА информира дека од вкупно 750 заболени од грип минатата година, во февруари биле регистрирани 281, а во март  413. Во последните месеци ноември и декември лани имало само 10 заболени. Споредено со претходната 2018 година, кога вкупно  биле 428 заболени, лани имало повеќе за дури  322 заболени.

Најдобра превентива против грипот е вакцинацијата потенцира д-р Трајкова и информира дека за оваа сезона со пари биле вакцинирани 460, а со бесплатни вакцини 1200 граѓани на Велес.

Таа информира дека во Велес до крајот на изминатата година биле вакцинирани и поголем дел од здравствените  работници.

Во Центарот за јавно здравје моментално располагаат со уште  20- тина вакцини со кои во наредните денови ќе ги вакцинираат преостанатите здравствените работници од градот, а  кои поради разни причини оваа сезона се уште не примиле вакцина, а која за нив е бесплатна преку Министерството за здравство.