ММС

Истражување: Поларизираниот политички дискурс ги ослабува условите за политички дијалог

Политичката поларизација во нашиот општествен контекст придонесува за ослабување и нарушување на условите за водење политички дијалог и е една од проблематичните точки што се одржува преу политичките партии, покажуваат резултатите од истражувањето „Поларизираниот дискурс и влијанието врз политичката и социјалната поларизација во македонското општетство” спроведено од Институтот за општествени и хуманистички науки (ИОХН-С).

Ана Блажева од ИОХН-С презентирајќи ги резултатите од истражувањето на тркалезна маса насловена „Препознавање и ракување со радикално поларизирачки јавен дискурс: етички и практични дилеми” појасни дека со истражувањето се обиделе да покажат на кој начин токму зборувањето или говорот може да придонесе кон продлабочување и проширување на феноменот на поларизацијата (во најшироко смисла сфатена како спротивставени ставови во однос на одредени политички и општествени прашања и политики кои се исклучиви и непомирливи) и да ги истражат ефектите од политичкиот дискурс на партиите како тоа се прелева во јавниот говор на социјалните мрежи и како влијае на подлабока општествена поларизација.

– Нашата анализа на официјалните дискурси на партиите покажа дека тие постојано инсистираат на ваков тип на политичка поларизација, односно дискурсиите на партиите се секогаш „ние” кои сме секогаш вистинскиот народ, вистинските патриоти или вистинските морални и доблесни граѓани, наспроти „тие” врз кои се проектираат и демонизираат најразлични потенцијални негативни карактеристики и се доживуваат како некаква закона. Со ваков дискурс политичките партии не само што ја овозможуваат општествената поларизација, туку на некој начин и го продлабочуваат јазот и даваат таква поларизирачка пракса да се користи и во јавниот говор, кој пак, најрадикално може да се следи преку говорот на омраза и на социјалните мрежи и медиуми, рече Блажева.

Како примери од социјална поларизација што ги анализирале во истражувањето таа ги посочи говорот на омраза по победата на „Вардар”, пеењето на химната или резултатите за Евровизија, но и други примери каде што целиот постоечки поларизирачки дискурс уште повеќе се радикализира. Од друг страна, пак, додава таа, тоа политичките партии ги спречува во политичкиот дијалог, па тие заради чистотата пред своите поддржувачи, се оневозможени да направат важни, крупни политички одлуки за заедничко добро.

Според Гордан Георгиев, координатор на проектот, целта на денешната дебата и наредните што ќе следат, е постојано да се држи оваа тема отворена, бидејќи е важно и граѓаните и јавноста да имаат предвид одредени практични и морални дилеми како би се справиле со постоечкиот радикален поларизирачки дискурс. Ова особено, вели Георгиев, во контекст на предвремените парламентарни избори, како и во очекување на дополнителна радикализација на јавниот дискурс помеѓу политичките актери, но и воопшто во јавниот простор.

На тркалезната маса на која како говорници се поканети новинари, беа презентирани и дискутирани ефективни алатки за воспоставување на норми и правила во контекст на радикална поларизација во општеството и се дискутираа модалитети за справување со растечката поларизација во општеството, улогата на медиумите во врамување на пристојноста на дискурсот, (де)конструкција на феноменот на политички непријател итн.

Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје со поддршка на фондацијата National Endowment for Democracy (NED) и Цивика Мобилитас веќе трета година спроведува проекти насочени кон деполаризација на јавниот простор, создавање на претпоставки за широко општествено помирување, како и зауздување на популистичките и илибералните напливи во македонското општество.