ММС

Лустрацијата беше тема во денешниот „Стадион“: Гости – Даути, Дамјановски, Аџиев, Андов, Јанкуловски, Милчин

АЛустрацијата, која со години ја бранува македонската јавност, беше тема во денешната емисија „Стадион“ на „Канал 77“. Дали имавме лоша лустрација или лоши закони за лустрација, дали беа лоши лустраторите, дали „врева“ креваат само пет-десет луѓе, се решава ли една неправда со правење друга, како да се исправат направените грешки, кои се ставовите и размислувањата за најавениот закон за поништување на одлуките поврзани со лустрацијата…

На оваа тема се дебатираше во денешната емисија „Стадион“ на радиото „Канал 77“. Гости во студиото беа некогашните членови на Комисијата за лустрација Даут Даути и Чедомир Дамјановски, имаше снимено интервју на Столе Наумов со Стојан Андов, а телефонски во емисијата учествуваа и професорот Звонимир Јанкуловски, еден од авторите на првиот Закон за лустрација од 2008 година, режисерот Владимир Милчин, како и некогашниот претседател на Комисијата за лустрација, Томе Аџиев.

– Од почетокот на лустрацијата до денес, коментарите во врска со неа одат од една до друга крајност. Тешко дека ќе најдеме заеднички јазик за тоа дали беше добра или лоша и во иднина – рече Даут Даути.

Чедомир Дамјановски смета дека ако се почитувале законите немало да бидат наравени многу неправди и оти, според него, дури 70 отсто од лустрираните не требало да бидат лустрирани.

– Сега се зборува за закон за поништување на одлуките произлезени од лустрацијата. Како идеја е во ред. Да се исчисти неправдата на оние на кои им е нанесена. Но, начинот не е издржан. Јас сметам дека само секој предмет од тие за вкупно лустрирани околу 200 луѓе треба да се провери, да се изврши некој вид ревизија. Со поништување на сите одлуки, ќе ги наградиме и оние што биле соработнбици на службите – истакна Дамјановски.

За тоа зборуваше и професорот Звонимир Јанкуловски, кој истакна дека само кај нас во Европа лустрацијата била така сатанизирана од луѓе што имаат интерес за тоа.

– Повикуваат на помирување. А, дали ги обештетивме и рехабилитиравме оштетените. Доколку сакаат да го поништат процесот, нека ги погледнат досиејата. Во нив има се’. Нека се проверат – нагласи Јанкуловски.

Томе Аџиев рече дека совеста му е чиста и оти Комисијата сите предмети ги работела врз основа на документи.