ММС

Мексико ќе добие марка пиво „Ел Чапо“

Иако е на издржување на доживотна казна затвор, мексичкиот наркобос Хоакин „Ел Чапо“ Гузман, од скоро може да се пофали дека има свое пиво.

„Ел Чапо Мексикан Лагер“ го лансирала неговата ќерка Александрина, која во јули 2019 ја презентираше и својата модна колекција наречена „Ел Чапо 701“.
Бројот во името алудира на местото на списокот на најбогати луѓе на „Форбс“, на кое се најде нејзиниот татко.

По модата, Александрина отиде и чекор подалеку. Компанијата „Ел Чапо 701“ пред два дена на модната ревија во Гвадалахари, претстави крафт пиво со назив „Ел Чапо“.

„ Пивото се’ уште не се продава, сега го рекламираме“, рече за „АФП“, потпаролката на компанијата, додавајќи дека се’ уште работат на добивање на потребните дозволи за продажба.

Амбалажата на шишето е со црно-бела етикета со сликата на Ел Чапо.

Судскиот процес против најпознатиот наркобос на светот, и даде на јавноста увид во внатрешната организација на Чаповиот картел Синалоа, именуван по северозападната мексиканска држава каде тој бил роден.
Меѓу граѓаните на Синалоа, Ел Чапо градел мит прикажувајќи се како Робин Худ, а за неговата слава допринеле и неговите две спектакуларни бегства од мексиканските затвори.

Американското обвинителство го обвини Ел Чапо за дистрибуирање кокаин, хероин, марихуана и метамфетамин во САД, повеќе од две децении. Својата моќ во Мексико пак, ја зацврстувал со убиства и војни со противничките кланови.

Проценката на неговото богатство варира. Форбс во 2009 година, процени дека тој поседува една милијарда долари, а американското правосудство богатството од продажбата на дрога, му го процени на 14 милијарди долари.