ММС

Чулев контактирал со Јордановска и Коровешовска, утре ќе го пријават случајот во СВР-Скопје

Техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев денеска лично контактирал со новинарките Мери Јордановска и Искра Коровешовска кои добивале закани од Емил Јакимовски, вработен во Централниот регистар.

Чулев за МИА изјави дека со Јордановска и Коровешовска е договорено утре да дојдат во СВР – Скопје, да ги пријават случаите и да ги донесат материјалните докази со цел итно процесуирање во Основното јавно обвинителство.

Тој најостро ги осудува сите манифестации на насилство, закани и навреди кон новинарите и другите претставници на медиумите.

-Сакам да упатам апел дека министерот за внатрешни работи нуди целосна соработка и поддршка за сите вакви случаи на насилство со цел идна превенција на закани и други форми на насилство. Јас лично како министер им стојам на располагање на медиумските работници 24 часа. Би сакал да потенцирам дека во контакти со здруженијата на новинарите и врз основа на добиени информации од службите на МВР ќе настојувам да се расветлат и сите досегашни закани и форми на насилство врз медиумските работници кои досега не се разрешени, рече Чулев за МИА