ММС

Димковски ги негира наводите од аудио снимките дека имало закани

ВМРО–ДПМНЕ и нивните портали, сакајќи да обелоденат некаков скандал за вработените во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, покажуваат дека се во одбрана и сакаат да заштитат лица кои вршат криминални активности, рече министерот за земјоделство Трајан Димковски во врска со објавената аудио снимка на порталот „Економски лидер“.

Димковски попладнево на прес-конференција потврди дека на снимката се слуша разговор меѓу неговиот советник Томе Мојсовски со друго лице чиј идентитет порталот не го открива, но, како што напомена, воопшто не станува збор за закани, туку за барање лицето да работи според законот. Лицето, рече министерот, е инспектор кој требал да го следи концесионерот на Охридското Езеро, но тоа не го правел три месеци со што овозможил низа прекршувања.

Според Димковски, инспекторот се вика Јован и е вработен во Државниот инспекторат за земјоделство, а со Томе Мојсовски, исто така вработен во Инспекторатот, се колеги со години, а од она што може да се слушне на снимката се укажавања од страна на Мојсовски. Нема никакви закани, не се бара ништо од Јован да направи што е надвор од законот.

-Вистината е следна. Се работи за разговор меѓу мојот советник Мојсовски и лице кое „Економски лидер“ не го обелоденува со име. Всушност, ова лице е директно задолжено и одговорно во име на Инспекторатот за земјоделство да го следи концесионерот на Охридското Езеро и да презема соодветни мерки за почитување и исполнување на обврските од договорот за концесија. На многуте состаноци, Езерската полиција ми предочи дека ова лице не си ја врши својата должност, дека одбегнува да соработува со Езерската полиција и дека три месеци воопшто не направило надзор на извршување на концесијата, поради што дошло до низа прекршувања. На аудио снимката јасно се слуша дека Мојсовски му посочува да постапува согласно законот и да не ги штити оние кои го кршеле законот во врска со концесијата на Охридското Езеро. Нема никаква закана, објасни министерот.

Минатиот месец, рече, до Министертвото за земјоделство стигнал допис од Регионалниот центар за гранични работи „Запад“ во кој се посочува дека не се преземени активности од страна на Земјоделскиот инспекторат – Охрид и Струга во однос на контролите и концесионерот за откривање и спречување криминал.

-Центарот алармирал дека токму концесионерот има вработно лица за стопански риболов кои се познати сторители на кривични дека како што се незаконски риболов и недозволена трговија со дрога. Овие лица го злоупотребиле стопанскиот риболов и со необележани пловни објекти учествувале во извршување кривични дела – криумчарење марихуана и риба преку сината граница на крајбрежјето на Охридското Езеро, рече Димковски.

Осврнувајќи се на случајот, покажа и документи од кои, како што нагласи, се гледа дека Министерството за земјоделство постапува согласно законите во врска со концесионерот.

МИА