Од девелопер во телекомуникациска македонска фирма до сопственик на ИТ фирмата и ко – основач на прва и единствена Академија за програмирање, дизајн и дигитален маркетинг, за велешанецот Благојче Јосифовски, до недодамна неговите сограѓани не знаеја дека токму тој работи на комплексни софтверски проекти наменети за американскиот пазар.
Неговата иновативна работна приказна е инспиративна. Започната е во неговиот и наш роден град, Велес и се развива успешно иако исчекорот од етаблирана во штотуку отворена фирма воопшто не бил лесен.
-Имав многу страв и недоумици, да напуштам реномирана фирма и да почнам сопствен бизнис, на крајот да останам можеби и без работа. Моите родители велеа седи си во фирмата имаш сигурна работа и плата до пензија се е супер но, кога разговарав со другарите и младите тие велеа сега е вистинскиот миг за првиот чекор, да работам како што јас сакам и на начин како што јас планирам, рече Јосифовски.
Тој фирмата „Бласофт Солушнс” ја формирал во 2016 година кога започнал да работи на проекти. Проектите, мали и големи, се зголемувале сепак Јосифовски е задоволен што најголемиот, за финансиски менаџмент и инвестициски портфолија за американскиот пазар му овозможил да вработи колеги од Велес но и од Тетово, прво хонорарно а потоа и со полно работно време.
– Денеска имаме колеги, велешани кои си дадоа отказ во скопски фирми за да работат во својот роден град и во фирмата „Бласофт Солушнс”. Велат дека се многу среќни прво затоа што скратиле секојдневно патување од 3 часа и имаме колега што по пет години работа во Германија, се врати и е дел од нашиот тим. Имаме проблеми со вработувањето на колеги, но сепак сега е полесно, додаде Јосифовски.
Со десетгодишно работно искуство Јосифовски порачува дека кај младите е неопходно да го променат мислењето и кога бараат работа постојано да се подготвени да учат и да се надоградуваат, со нови технологии, методологи и програмски јазици. Токму ваква помош за младите штотуку завршени ИТ инжинери го поттикнале Јосифовски и неговиот тим да ја отворат Академија за програмирање, дизајн и дигитален маркетинг во Велес. Освен за возрасни Академијата ќе нуди и програми за деца.
Инспиративната ИТ бизнис приказна на Благојче Јосифовски беше промовирана од Пред Плус од Битола и X Фактор Акцелератор од Велес како дел од проект за претприемачка програма, од идеја до бизнис план, „И од Велес се може”.