ММС

Објавено на: 12/20/19 11:26 AM

Австралискиот премиер се извини што бил на одмор на Хаваите додека беснеат пожарите во Австралија

Премиерот на Австралија, Скот Морисон, се извини што бил на одмор на Хаваите додека ситуацијата со шумските пожари во земјата се влошува.

Тој изјави дека ќе го скрати одморот и се очекува веќе утре да се врати во Австралија.

„Длабоко жалам ако моето одење на одмор со фамилијата во овој момент навреди некој од бројните Австралијци кои се погодени од страшните пожари“, изјави Морисон.
Тој рекол и дека редовно добива извештаи за пожарите како и за пронаоѓањето и овозможувањето помош на жртвите од минатонеделната ерупција на вулканот во Нов Зеланд, во кој загинаа 11 Австралијци.

Ненајавениот одмор на премиерот во ваков момент предизвика критики од јавноста и негативни коментари на социјалните мрежи.

Морисон објасни дека на одмор отишол за да ја изненади својата ќерка. Тој додаде дека иако вообичаено не најавува каде и кога ќе оди на одмор, поради моменталните околности го разбира незадоволството и стравот на граѓаните и длабоко жали поради тоа.

Во четвртокот во Нов Јужен Велс, на југоистокот на Австралија, беше прогласена вонредна состојба поради рекордно високите температури.

Околку 2.000 пожарникари се борат со вонредните пожари.

Претходно, вонредна состојба во Нов Јужен Велс била прогласена во средината на ноември.

Во пожарите досега настрадаа осум лица, а изгорени се повеќе домови и околу 1,2 милиона хектари шума и друг растителен свет.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.