ММС

Петре Шилегов гостуваше во „Стадион“: За Скопје од сите аспекти, но и за шпекулациите дека ќе биде иден лидер на СДСМ

Улиците, дрвјата, парковите, градската куќа, загадениот воздух, депониите, честите прекини на струјата, образованието, греењето на училиштата, цената на водата, капиталните проекти, новогодишната програма, состојбата во јавните претпријатија, градската администрација, вработувањата, партиските книшки, беа само дел од прашањата поставени од слушателите и од водителот Столе Наумов на кои во денешната емисија „Стадион“ на „Канал 77“ одговараше градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

– Не сум приврзаник на партиски вработувања. Такво нешто не сакам. Откако сум градоначалник, бројот на вработени во градската администрација е зголемен за седум луѓе. Во јавните претпријатија е горе-долу ист. Од порано е останата превработеност, можеби некаде за 20 до 30 осто. Порано имало нелогични вработувања, па, на пример, кога дојдов на градоначалничкото место, Градот имаше 13 возачи, 19 луѓе во обезбедувањето, а само двајца или тројца инспектори за животна средина, што е апсурдно – истакна Петре Шилегов.

Шилегов е член и на раководството на СДСМ, па одговори и на прашањето има ли вистина во шпекулациите дека тој треба да биде иден лидер на СДСМ и има ли амбиции за такво нешто?

– Не. Со Зоки, Радмила, Дамјан, Оливер и другите сме пред се’ другари. Ние помогнавме оваа држава да се извади од црнилата во кои што бевме. Од заробена држава, за три години успеавме да ја внесеме во најмоќната воено-политичка организација во историјата на човековата цивилизација – истакна тој.

А, потоа се осврна и за цената на тој влез.

– Цената зависи како ја гледате. Јас сум убеден дека имаме добар договор со Грција. Според Договорот, се’ уште зборуваме македонски јазик, се’ уште сме Македонци, кои што живееме во држава што се вика Северна Македонија – смета Шилегов.