ММС

Репортажа од судницата: Орце Камчев – сиромавиот милионер

Се смета за еден од најбогатите Македонци, беше дел и од „Форбс“ листата. Тоа е човекот кој како ретко кој друг граѓанин може да изброи 1.5 милиони евра во кеш и да ги предаде на рекетари. Според едни тој е рекетирана жртва, според други, тој е поткупувач. Се пожали дека не му било лесно да ги собере овие пари.  Во судницата влезе како сведок, а не како поткупувач. Се претстави како жртва на „монструозно здружување“. Јордан Камчев испровоцира политички спектакл. Но, лицето од политичките вести се соочи со естрадната контроверзна ѕвезда од клупата на обвинетите – Боки 13 или Бојан Јовановки, поранешниот сопственик на телевизијата 1ТВ.

Насловна фотографија: Арбнора Мемети

„Рекет“ втор ден

Второто рочиште за „Рекет“ започна во 5 минути по 10 часот. На обвинителната клупа, за разлика од минатиот пат, имаше еден обвинет помалку. На Зоран Милески, третообвинет во случајот, во средата му беше изречена казна затвор од 3 години.

Од повиканите сведоци, присутен беше само Јордан Камчев. Неговата сопруга, Ана Камчева не се појави поради, како што тврди Камчев, покачена температура. Судијката Васка Николовска-Масевска го повика сведокот да пристапи пред Судот. Обвинетиот Бојан Јовановски побара глас за да се пожали за својата здравствена состојба. Судијката нервозно и отсечно му одговори дека добиле медицинска документација од болницата „8 Септември“ и повеќе нема потреба да се разговара за неговата здравствена состојба. Додека Јовановски инсистираше дека е обесправен, Камчев трпеливо, па дури  и задоволно чекаше да започне неговото сведоштво кое подоцна ќе се претвори во вистински медиумски спектакл. Јовановски бара да се одложи судењето повикувајќи се на неговата болест. Додека тој објаснува, Камчев се смешка од столчето резервирано за сведоците на Вилма Рускоска.

Сведокот

Јордан Камчев, смирен и сталожен, во темно сина ролка и костум внимателно одбрани, во комбинација со уредно измазнетата коса, остави впечаток дека се подготвувал долго и грижливо за настапот кој што следува. Исправено и одважно застана пред присутните во судницата. Човекот за кого се очекуваше дека еден ден ќе седне на обвинителната клупа, влезе во судницата како сведок на обвинителството.

Орце камчев

Јордан Камчев влегува во Судот

Камчев го посочи адвокатот Васил Димишков како првото лице кое се обидело да изнуди пари од него. Му дал до знаење дека има влијание и доколку Камчев сака да соработува, треба да му исплати 100.000 евра за првата информација.

„Ќе влијаел да се издејствува поблага мерка. Ми даде скала за секоја мерка колку пари чини. Како да сме на пазар! Не бев заинтересиран за понудата, затоа што немам направено кривично дело.“

Сведокот го впери прстот кон обвинетите и ги нарече Јовановски и Јанева, двајцата режисери кои го конструирале предметот „Империја“. Добил понуда да соработува со Јовановски, во интерес на добри односи со политички и судски структури. „Соработката“ подразбирала рекламирање во 1ТВ. Камчев подучен од Зоран Милески, дал инструкции на својот маркетинг тим од Систина, сепак да се рекламира во телевизијата.

„Маркетинг директорката ме извести дека Бојан бил навреден од понудата од 50.000 евра за рекламирање и за тие пари не сакал ни да разговара.“

На првата средба која ја одржале со обвинетиот Јовановски, тој му понудил на Камчев да му ја продаде својата идеја за „фешн мол“, раскажува сведокот.

„Сфаќам дека тоа што го зборува е нереална приказна, но не ја сфатив неговата улога во приказната. Ми побара 2 милиони евра за потпишување на договорот. Се обиде да ми продаде памет.“

Трговскиот центар требало да биде на територија на Карпош кај Гранит. Локацијата не била обезбедена затоа што како што Јовановски кажал, немал веќе контакти со градоначалникот на Општина Карпош. Стефан Богоев, иако тој во минатото многу му помогнал.

„Планирав културно да го откачам. Ми ја покажа последната страна од договорот, на која беше попишан Лазар Јанев. Јовановски ми рече дека би било добро да размислам за понудата, да не си имам проблеми. Се обиде да ми наплати пари преку синот на Катица Јанева. Во тоа време мислев дека ја злоупотребува.“

Кратко потоа пристигнала и втората понуда. Дом за стари лица, повторно на локација во Карпош. Камчев го ангажирал својот тим да направи анализи  кои покажале дека проектот би бил во загуба 10 милиони евра во првите 10 години, исто толку долго за колку што Јовановски ја продавал лиценцата. Лиценцата чинела 4 милиони евра.

„Откако ги откачив и за таа идеја, Бојан се налути. Милески ме предупреди дека ќе прави лоша реклама, па се согласив да му платиме ПР реклама од 170.000 евра. Откако не му ги задоволив желбите, ми пуштија слика на Инстаграм со обвинителката Јанева дека се спрема нешто големо, а тоа се однесуваше на „Империја“.

Камчев тврди дека во рекетот има тројца чинители, Јовановски, Катица и нивниот извршител обвинителката Лиле Стефанова, како што тој ја нарекува. Стефанова го контактирала преку бизнисменот Ванчо Чифлиганец и побарале од него да купи деловен простор од 200 метри квадратни во една од зградите на Чифлиганец. Деловниот простор ќе бил наменет во стоматолошка ординација за ќерката на Лиле Стефанова.

„Сите три барања за рекет беа одбиени од мене. Не се само овие двајца на обвинителната клупа инволвирани во „Рекет“. Треба да има и други обвинети, но тоа не е моја работа.“

Сведокот тврди дека мерката притвор му била одредена, затоа што не ги задоволил барањата на изнудувачите.

 „Кога влегов во притвор се ми беше јасно. Не може во држава која претендира да биде членка на ЕУ и НАТО, во која јас вработувам 3000 семејства и плаќам највисок данок, во која сум лојален граѓанин, дека може вака монструозно да се скрои случај.“

Јордан Камчев не бил единствениот од кого се обиделе да изнудуваат рекет. Тој тврди дека Јовановски го уценувал и Жарко Луковски, кој почина минатата недела. Наводно Луковски му платил 200.000 евра за да биде тргнат од случајот „Империја“, а потоа Јовановски му изнудил уште 250.000 евра.

„Цела јавност беше на нивна страна. Они беа Чарлиевите ангели. Ние сме криминалци во јавноста и не можевме никако да се испереме дека сме ставени во класична кланица.“

Камчев тврди дека моќта на Јовановски била застрашувачка. По барање на Јовановски, додека Камчев бил во притвор, неговата сопруга Ана Камчева, му исплатила на Јовановски 350.000 евра, а Милески исплатил уште 150.000 кои потоа Камчев му ги вратил на Кичеец.

Тој сведочеше дека кај Јовановски платиле и други бизнисмени, но не се одважиле да кажат. Камчев сфатил дека ќе мора да биде и сценарист и главен глумец во приказната, бидејќи како што тој вели, немал каде да пријави и немал друг начин да се справи со изндувањето.

„Седите затворен во кафез со хиени околу вас. Јас немав на која адреса да пријавам. Во јавноста сум криминалец затоа што плаќам данок и вработувам луѓе.“

Според тврдењатаа на Јовановски и Камчев тие оствариле неколку средби. На една од тие средби, Јовановски го известил Камчев дека Катица Јанева е многу лута и без 1 милион евра не сака да разговара. Потоа следувала непримамливата понуда. Камчев ќе треба да им исплати 8 милиони евра ако Катица Јанева го изработи предметот, а втората понуда е 5 милиони евра, ако предметот го води Вилма Русковска. Доколку предметот заврши кај Русковска, Јовановски нудел уништување на спорните докази против Камчев.

“Го слушам и си велам Боже, Боже, Бојан да го управува СЈО народе“, драматично додава Камчев.

Катица Јанева во една пригода го повикала Камчев во просториите на Специјалното Јавно Обвинителство. Во собата за испрашување сведоци, присутни биле Лиле Стефанова и адвокатот на Камчев. Откако Стефанова ја напуштила просторијата, Јанева се доближила до Камчев и гледајќи го во очи му испратила важна порака.

„Тоа што го договараш со Боки, да го завршиш“, ја цитираше Камчев.

По овој настан сведокот бил убеден дека изнудата е реална и одлучил да ги даде парите. Случајот го пријавил кај премиерот Зоран Заев кој му дал инструкции да ги поднесе доказите кај обвинителката Вилма Русковска на која може да и се верува.

Обвинетиот

Бојан Јовановски, кој досега молчеше и одвреме навреме дофрлуваше коментари, за кои судијката редовно го опоменуваше, сега настапи во ситуација на испрашувач. Исправен и одважен, со длабок и сигурен глас му поставуваше прашања на сведокот Јордан Камчев. Театрални прашања и иронични одговори. Хумор и потсмевање. Де од едната, де од другата страна. Судијката неколку пати потенцираше дека испрашувањето се одвива во судница, а не во театар.

Јовановски му поставува прашања, а Камчев успешно одговара, без ни на момент да се заплетка во пајажината што Јовановски се обидува да му ја сплете. Разговорот е конфронтирачки и тензичен. Судијката повторно ги опоменува. Камчев покорно се извинува пред Судот. Испрашувањето се претвора во шоу за медиумите.

Јовановски го прашува зошто тој продолжил да се среќава со него, ако анализите за бизнис идеите на Јовановски покажае дека истите се неисплатливи. Камчев обраќајќи му се на „ти“ вели дека анализите се направени со цел да се докаже дека Јовановски  лсакал да ги рекетира и дека има сведоци кои ќе потврдат дека Јовановски побарал 200.000 евра за реклама.

Со тоа ќе се сложам, како менаџер на медиум имам право да побарам онолку средства колку што медиумот заслужува. Исто како што вие ги цените вашите операции во болницата, иако ги вршите неуспешно“, му дофрлува Јовановски алудирајќи на операциите за стеснување на желудник кои му беа извршени токму нему.

Гласна смеа се слуша во судницата, а судијката луто му дофрлува на Јовановски дека е во состојба да го запре веднаш испрашувањето. Бојан Јовановски го гледаме во една нова улога, далеку поразлична од онаа во која се претстави на минатото рочиште, кога беше изнемоштен и во лоша здравствена состојба. Прашањата продолжија, но Јовановски се послужи и со обвинувања за шпиунажа упатени кон сведокот.

Јордан Камчев доби прашање кое можеби не го очекуваше. Кој друг присуствувал на една од нивните средби во домот на Јованоски. Камчев првично одговори дека според него за случајот е неважно кој присуствувал на нивната средба. По инститирање на Јовановски и судијката, Камчев со мала драмска пауза откри дека бил министерот за здравство, за на повторно прашање да го именува Венко Филипче.

Според Камчев, на средбата станало збор за јавно-приватно партнерство за изградба на болница, но предлогот бил одбиен од страна на двајцата гости. Министерот Филипче во разговор со ИРЛ одговори дека средбата се случила, но тој не прифатил никаков договор.

Денеска во судницата се слушнаа многу обвинувања, а според присутните колеги и подбуцнувања. Дали да му се верува на Камчев или на Јовановски? Што навистина се случило?

На следното рочиште во вторник, како сведок се очекува да се појави и сопругата на Јордан Камчев.

 

(ИРЛ)