– ММС
Вести Култура Македонија

Филмот „Господ постои, името и’ е Петрунија” може да се закити со наградата „ЛУКС 2019″ за филм на Европскиот парламент

Филмот „Господ постои, името и е Петрунија” денеска може да се закити со наградата „ЛУКС 2019″ за филм на Европскиот парламент, која ќе биде доделена на свечената церемонија закажана за во 13 часот, јавува дописникот на МИА од Стразбур.

Прв пат откако е воведена наградата Лукс за филм на Европскиот парламент пред тринаесет години, еден македонски филм се најде во најтесниот избор. Филмот „Господ постои, името и  е Петрунија” е на Теона Стругар Митевска, копродукција меѓу Северна Македонија, Словенија, Белгија, Хрватска и Франција.

Филмот е меѓу трите финалисти, а во конкуренција покрај него се и „Нерешениот предмет Хамарскјилд” на Мадс Бругер (Данска / Норвешка / Шведска / Белгија), и „Ел Реино” (Шпанија / Франција) од Родриго Сорогојен.

Годинава меѓу десетте филмови кои се најдоа во селекцијата за наградата ЛУКС2019, од кои беа избрани трите финалисти, имаше уште еден македонски филм „Медена земја” на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска, што само зборува за квалитетот на македонската филмска продукција.

Дел од екипата на филмот, режисерката Теона Стругар Митевска, главната актерка која ја игра улогата на Петрунија Зорица Нушева и актерката и продуцент на филмот Лабина Митевска се во Стразбур, каде од вчера постојано имаат интервјуа со новинари од земјите членки на ЕУ. Претходно, заедно со екипите на двата други филмови-финалисти учествуваа на семинарот на Наградата ЛУКС, во присуство на Олег Сенцов, режисер и добитник на наградата Сахаров 2018 за слободата на мислење, која му беше врачена вчера.

Наградата „ЛУКС 2019″ ќе биде врачена од страна на претседателот на парламентот, Давид Сасоли. За филмот гласаа европратениците, кои претходно имаа можност да ги погледнат. Всушност тие се финалното жири за наградата, откако филмовите беа селекционирани од филмски професионалци од земјите членки на ЕУ.

Европскиот парламент ги покрива трошоците за титлување на трите финални филмови на 24 официјални јазици на ЕУ и изработува дигитална копија на филмовите за секоја од земјите-членки.

ЛУКС наградата за кино е посветена на промоција на европското кино и има за цел да го поддржи ширењето на европските продукции и да ја стимулира  дебатата на ниво на целиот континент за главните политички и општествени теми. Таа прв пат беше доделена во 2007 година. Победничкиот филм ќе биде адаптиран за лица со оштетен слух или оштетен вид и ќе добие дополнителна промоција.

МИА

Лограње

X

Регистрација