ММС

Показна вежба за спасување: Голем пожар во спортската сала во Кавадарци

Избувна пожар во спортската сала „Јасмин“во Кавадарци, каде се одржува класно првенство и во салата се присутни голем број ученици. Чадот се шири во цел објект и има многу повредени ученици. Напуштајќи го  дворот на салата, две возила предизвикаа сообраќајна незгода каде има повредени. Потребно е итно дејствување на надлежните институции за заштита и спасување.

Ова е дел од сценариото за големата показно-тактичка вежба за спасување што денеска се одржа во Кавадарци, организирана од МВР.

Во вежбата беа вклучени два хеликоптери на МВР, припадници на единицата „Тигар“, единицата за службени кучиња при МВР и припадници на крим-техника и сообраќајна полиција од СВР Велес – полициска станица Кавадарци.

Исто така учестуваа  локалната самоуправа, територијалната против пожарна единица Кавадарци и Неготино, итната медицинска помош Кавадарци, општинската организација на Црвен Крст Кавадарци и подрачното одделение на Дирекцијата за заштита и спасување.

Организаторот на вежбата искажа висока оценка за дејствувањето на сите институции заедно.

„Сите институции кои имаат надлежност да постапуваат во вакви ситуации денеска ја покажаа својата професионалност и стручност , со навременост и стручност успешно се заврши вежбата. Сите надлежни институции и од општината беа анимирани. Задоволен сум и од самите подготовки и од самиот чин на изведување на вежбата“ вели координаторот на вежбата Зоран Нешкоски началник на сектор за превентивна заштита , во одделот за заштита на определени личности и објекти при МВР.

Вежбата ја следеа голем број граѓани. Адреналинот кај сите беше подигнат, бидејќи на едно место надлетуваа два хеликоптера, постојано се слушаа звуци на  сирените од против пожарните возила и на возилата на итната медицинска помош.

„Јас како градоначалник за прв пат имав можност да учествувам во орагн на оваа вежба. За мене најважно беше да се покаже и докаже дека државните и општинските служби можат заедно да дејствуваат во дадени моменти, еве како денешниот настан, со голем број учесници. И нашите општински служби си го покажаа своето,  дека можат да се вклопат во не дај боже, вакви ситуации. Имаме едно добро ниво на заштита“ вели  градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.

Вежбата организирана од МВР се одржува по осми пат, а по завршувањето на истата во домот на културата во Кавадарци се одржа и стручен собир на пожарникари, каде предаваа емнентни професори од повеќе земји.

Ангел Данов


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за преземање.