ММС

Објавено на: 11/23/19 8:20 AM

Српски медиуми за сеќавањето на Киро Глигоров на состанокот на кој ЕУ на Југославија и’ понудила 5,5 милијарди долари и членство

Српски медиуми за сеќавањето на Киро Глигоров на состанокот на кој ЕУ на Југославија и’ понудила 5,5 милијарди долари и членство

Неколку српски медиуми вчера, на денот кога Пендаровски ја почна дводневната посета на Србија, потсетија на едно интервју на некогашниот македонски претседател Киро Глигоров во кое открива тајни од една средба на челници на ЕУ со тогашните претседатели на шесте југоловенски републики.

„Тогаш претседавач беше луксембуршкиот министер за надворешни работи. Тој дојде со Ван дер Брук и со Жак Делор. Тие со неколкумина експерти беа од едната страна на масата, ние на другата страна. Беше крајот на 1990 година“, се цитира Киро Глигоров“.

Прв за збор од гостите се јавил Жак Делор.

„Унијата е подготвена да признае со политичка одлука придружно членство на Југославија во ЕУ. Вие знаете што значи тоа и кои привилегии ќе ги имате. Јас добив налог да подготвам програма од 5,5 милијарди долари како инјекција за програмата на Анте Марковиќ успешно да се реализира и понатаму. Па, повелете, господа, кажете што имате за овој план“, рекол Делор.

Настанал неколкуминутен молк, па за збор се јавил хрватскиот претседател Фрањо Туѓман.

„Јас за никакви милијарди не можам да се откажам од идејата која го храни целиот хрватски народ после многу години да ја обновиме хрватската држава. Тоа за мене е примарно“, истакнал Туѓман.

По него зборувал српскиот претседател Слобдан Милошевиќ.

„Многу пати повторувам, а сакам и пред вас да кажам дека јас сум за цврста или модерна федерација – или ништо. Секој нека си оди на својата страна – бил категоричен Милошевиќ.

По паузата, за збор се јавил претседателот на БиХ, Алија Изетбеговиќ.

„Нам ни’ е тешко и без Белград и без Загреб. Ние сме три народи во Босна и тоа не може да биде лесно. Ние секогаш бевме посебен ентитет и тоа би сакале да останеме, но да се најде солуција како да соработуваме со Белград и со Загреб“, рекол Изетбеговиќ.

Потоа ретко кој зборувал.

„Следуваше пауза од еден час. Беше донесена одлука на таа пауза тројката од ЕУ да разговара со секој претседател поединчено. Тоа траеше многу долго, а кога заврши пак се собравме сите, а претставниците на ЕУ соопштија дека нема согласност“, се цитира Киро Глигоров од интревјуто.

Потоа претставниците на ЕУ им се обратиле на сите присутни.

„Жалиме што ќе мора да пренесеме во Унијата дека нема согласност за предлозите што ги дадовме. А што ќе биде понатаму, ќе видиме“, рекле гостите од Брисел.

А што се случуваше потоа е многу добро познато, заклучуваат српските медиуми, кои вчера се навратија на сведоштвата на Киро Глигоров.

1x1