ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/19/19 7:02 AM

Свеченост во Тетово по повод 75-годишнината од ослободувањето во Втората светска војна

Со одржување на свеченоста „75 години слободно Тетово”, синоќа во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок”, првпат по повеќе децении, беше одбележан датумот 19 ноември 1944 година, кога Тетово е ослободено од фашистичките окупатори во Втората светска војна.

Историски час за ослободувањето одржа Јоцко Димитриевски, претседател на општинската организација на Сојузот на борци од Тетово.

-Тетово е последен ослободен град и со тоа е означено ослободувањето и на Македонија во 1944 година од тројната окупација на Италија, Бугарија и Албанија. Последните борби и операции се водеа околу Тетово. Во ослободување на Тетово активно учествувале 15-тиот партизански корпус со 41 и 48 дивизија со вкупно осум бригади, борци, но и граѓани кои се жртвуваат за нашиот град, рече Димитриевски.

Тој појасни дека Тетово има три партизански одреди и двајца народни херои, Тодор Циповски Мерџан и Ѓоце Стојчески Амбарче.

-Тие ги дадоа животите 10 дена по капитулација на Бугарија и два месецa пред ослободувањето. Вечно ќе се сеќаваме на нивната жртва, истакна Димитриевски.

Дел од свеченоста беа и историските часови за партизаните кои ги загубиле животите за слобода на Тетово, како и културно-уметничката програма, драмско-уметнички перформанс, а во фоајето на Центарот беше поставена изложба на портрети на борците од Народнослободителната борба НОБ – уметнички дела на академскиот сликар Павле Кузмановски.

Дел од одбележувањето ќе има и денеска пред Споменикот на револуцијата во Тетово, каде ќе биде одржана свечената церемонија со полoжување цвеќе.

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1