– ММС
Вести Македонија

Tиквешијата ќе добие вински музеј

Регионот каде со векови се одгледува виновата лоза, Тиквешкиот,  наскоро ќе  добие  вински музеј.  По својата форма тој ќе претставува Специјализиран Локален музеј  кој ќе содржи минимум една музејска збирака од значајно културно наследство согласно Законот за заштита на културно наследство, Музеј кој ќе ги обединува сите музеолошки дисциплини во себе – археолошка , етнолошка и историска .

За таа намена во тек е реконструкција на винската куќа која е лоцирана во градскиот парк во Кавадарци со финансиски средства  од 7,5 милиони денари се обезбедени од Вардарски плански регион преку бирото за регионален развој и општина Кавадарци. На последната седница на кавадаречкиот совет едногласно беше дадена поддршка на елаборатот за оваа установа.

„Богатата винска традиција што ја има во овој регион и бројните археолошки историски и етнолошки артефакти ја наметнааа потребта од формирање на овој правен субјект, кој што морам да истакнам ќе биде прв од ваков караткер во Република Македонија. За овој проект поднесовме проект и до министерството за култура. Приоритетите ќе бидат  собирање, истражување конзервација и презентација на археолошкото, духовното и на архитектонското културно наследство“ , вели Весела Честоева, раководителка на проектот.

Голем е опусот на археолошки предмети и епиграфски споменици коишто зборуваат за богатата традиција на винската култура забележани преку многубројните прикази на богот Дионис – богот на виното и баханалиите, разни пехари за пиење вино, антички садови за мешање на вино , како и алати за обработка на земјата.

„Винската куќа си го најде својот прав момент. Во градскиот парк ќе имаме вински музеј кој што ќе биде од големо значење а пред се ќе биде една благодарност за нашите предци кои почнале да го одгледуваат лозовиот насад и нашето тиквешко вино. Во финансиската конструкција на музејот нема да учествуваат винарските визби. Во понтамошниот период тие ќе можат да се вклучат со презентација на нивниот комерцијален дел“, вели градоначалникот Митко Јанчев.

Грозјето и виното биле култни прехрамбени продукти, а за нивното одгледување уште од античкиот период постоеле посебни прописи кои производителите на грозје и вино морале да ги почитуваат.

Лозарството продолжило да се развива и во средниот век, а центри за негово одгледување биле црковните и манастирските имоти.  Лозарството и винарството во Тиквешијата својот зенит го достигнале кон крајот на 19 век, со изградба  на железничката линија Белград-Скопје –Солун.

Во овој период само во Кавадарци годишно се береле по 2 милиони оки грозје што за така екстензивно производство претставувало големо количество.

 

Ангел Данов

Лограње

X

Регистрација