ММС

По пауза од една деценија Македонска Каменица добива интернист

Македонска Каменица по десетина години конечно добива интернист. Од оваа година, една од специјализациите кои му се одобрени на делчевскиот Здравствен дом, е предвидена за специјализација по интерна медицина за потребите на населението од Македонска Каменица – соопшти  Марија Глигоровска, директорката на Здравствен дом „Гоце Делчев”.

„Поради тоа што во изминатата деценија Македонска Каменица беше многу запоставена, се потрудивме малку од малку да ги задоволиме потребите на граѓаните, бидејќи ја знаеме старосната граница на населението. За таа цел на специјализација е испратена докторка од Македонска Каменица“, изјави Глигоровска.

Дополнително, за наредната година, како што додава таа, предвидена е и специјализација по неврологија:

„Специјализацијата по ортопедијата која ја побаравме ќе ја замениме со нервно и тоа повторно во Македонска Каменица, бидејќи ние сега ќе склучиме договор со Клиничка болница Штип, каде што ортопед неколку пати во месецот ќе доаѓа и ќе ги задоволува потребите на населението“.

Освен услугата по ортопедија во рамки на склучениот договор со Министерството за здравство, предвидено е еднаш неделно, уролог да ги посетува здравствените установи во Делчево и Македонска Каменица. Во моментов во Делчево и Македонска Каменица, интернист и невролог се итно потребни, зашто сегашните се пред пензија.