– ММС
Вести Свет

Бислими: Српската листа да документира дека го признава Косово ако сака да биде во Владата на Курти

Потпретседателот на Движењето Самоопределување (ВВ) Бесник Бислими вели дека идната Влада на Косово, која ќе ја предводи лидерот на ВВ Албин Курти, може да се формира и без членови на Српската листа (СЛ), иако таа партија на парламентарните избори од 6 октомври победи убедливо во средините со српско мнозинство, јави дописникот на МИА од Приштина.

Бислими во интервју за порталот „ЕкономиаОнлајн“ вели дека СЛ, која обзнани дека за тоа дали ќе учествува во идната косовска влада ќе се консултира со Белград, за да стане дел од кабинетот на Курти првин треба да го почитува Уставот на Косово и да докаже дека ја признава косовската држава и работи за нејзино добро.

– Да, може да има влада без СЛ. Уставот вели јасно, во член 92.1, дека Владата на Косово треба да работи согласно уставот на Косово. Тоа значи дека ние ја признаваме државата Косово и работиме за доброто на оваа држава. СЛ треба да документира дека ја признава косовската држава и дека ќе работи за унапредување на интересите на Република Косово. Ние нема да дозволиме со нашиот буџет да дојдат луѓе или групи кои работат на рушење на сопствената држава, изјави Бислими.

Сепак, додава тој, „во овие констелации секоја страна е обврзана да биде малку пофлексибилна и покреативна, да се изнајде решение кое долгорочно ќе се покаже како најдобро“.

Според Бислими, таксата од 100 отсто на увозот од Србија не е доволна како мерка во односите со таа земја и новата влада ќе ги истретира сите економски одлуки на Србија кои ѝ нанесоа штети на косовската економија.

– Тоа што ние сме го потенцирале повеќе пати е дека сметаме оти таксата не е доволна политика во однос на Србија, меѓутоа целосниот економски реципроцитет ќе го реши проблемот. Значи, ќе ја третираме секоја економска одлука на Србија која ѝ нанесе штети на економијата на Косово и за која ниту Европската унија ниту другите земји немаа забелешки за Србија и истата ќе ја имплементираме, изјави потпретседателот на ВВ.

Тој вели дека за воведувањето на таксата досегашниот премиер Рамуш Харадинај не прашал ниедна опозициска партија, но сепак најавува дека новата влада првин ќе воспостави целосен реципроцитет со Србија, па дури потоа ќе го разгледа прашањето на таксата.

– Доколку Србија не ги признала сертификатите издадени од Косово и ЕУ за тоа смета дека е во ред, ние од 1 јануари нема да ги принаваме сертификатите издадени од Србија и ЕУ не може да каже дека во случајот на Србија е во ред, а во случајот на Косово не. Мислиме дека во тој момент кога ќе воспоставиме целосен реципроцитет, потоа ќе можеме да зборуваме за укинување на таксата и нормално дека тоа ќе го направиме во координација со меѓународните партнери, вели Бислими.

Лограње

X

Регистрација