– ММС
Вести Култура

Актерот Диме Илиев ја доби престижната актерска награда за животно дело Петре Прличко

Додавајќи го името на Диме Илиев, неодамна пензионираниот македонски актер на ансамблот на Драмски театар Скопје и режисер, во портфолиото на актерската награда „Петре Прличко” придонесуваме таа да се маркира како листа од најрелевантни актерски имиња во рецентната македонска театарска стварност, глумци од „маштрапот” на Петре Прличко. Вака сценаристот и претседател на жири комисијата за доделување на актерската награда за животно дело „Петре Прличко”,Сашо Димоски во свое и во име на членовите, актерите Фаик Мефаилоски и Талија Настова, го соопшти името на годинешниот лауреат.

– Сумирајќи ги фактите од материјалите прибрани од предлозите за Диме Илиев,  се бележат преку триста седумдесет уметнички остварувања. Во рескпектибилната бројка, улогите во театар, запомнети од критичарите како најмаркантни, ги има преку сто и педесет од кои поголемиот број главни. Се бележат осум улоги на филм, осумнаесет телевизиски, како двесте радиодрамски улоги. За своите актерски остварувања Диме Илиев ги добил следниве награди: Најдобар млад актер за улогата на Младичот во претставата „Црнила” во 1977 година,  наградаите Ристо Шишков за улогата во претставата Од првиот здив во 1995 година , за главна улога на телевизискиот фестивал „Порторож”, за улогата во телевизискиот филм „Сослушување на железничарот”  во 1976, Најпопуларно ТВ лице за серијата Наши годиниво 1979 година, награда Актер на годината која ја доделува Дневник (2015) и награда за Најдобро актерско остварување, машка улога на ФАД Стоби, за улогата на Таткото во претставата Евридика во 2013 година – додаде Димоски.

Илиев е тринаесеттиот добитник на престижната актерска награда за животно дело „Петре Прличко”. За градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, се’ уште се свежи сеќавањата од пред тринаесет години кога Општина Велес, велешки театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот” и тогашното актерско здружение ја востановија наградата за животно дело „Петре Прличко”.

„Наградата ја востановивме со цел да го направиме името на Петре Прличко уште побесмртно, во чест на неговите огромни остварувања, во театарската и во филмската уметност. Тој е еден од најголемите македонски театарски актери. За среќа Велес не само што има прекрасна театарска публика туку е и расадник на големи актерски имиња почнувајќи од Тодорче Николовски преку Петре Прличко, Јосиф Јосифовски, Трајко Чоревски се’ до актерите од современата генерација на чело со Васил Зафирчев“, додаде Коцевски.

Предложен од Драмски и од пензионираниот актер на Велешки театар Александар Георгиев, како еден од вкупно тројца кандидати, на Илиев, наградата која се состои од плакета и парчен дел во износ од 30.000 денари ќе му биде доделена вечерва, со почеток во 20 часот, на сцената на велешки театар. Во негова чест колегите од Велес, од театар „Јордан Хаџи Константинов Џнот” ќе ја одиграат претставата „Слуга на двајца господари”.

 

Убавка Јаневска

Лограње

X

Регистрација