– ММС
Вести Култура Македонија

Вечер со музиката на Трајко Прокопиев во Куманово

Кумановскиот Центар за култура „Трајко Прокопиев” го слави својот патронат 110 години од раѓањето и 30 години од смртта на великанот на современата македонска музика, композиторот Трајко Прокопиев, чие име го носи установата.

По тој повод, вечерва со почеток во 20:00 часот, во центарот за култура ќе настапат хорот на наставници од училиштето „Кочо Рацин”, хорот „Кочо Рацин” од Скопје и женскиот камерен хор „Света Злата Мегленска”. Пред кумановци ќе бидат изведени дела компонирани од композиторот Трајко Прокопиев и дела од други композитори.

Трајко Прокопиев е роден на 6 ноември 1909 во Куманово, дипломирал на Музичката школа во Белград 1934, се школувал  Прашкиот конзерваториум 1946-47. Добитник е на бројни државни награди, меѓу нив и за животно дело. Со богатото петдецениското творештво кое влегува во историјата на музичката литература на помладата македонска музичка култура, со компонирањето на вредни дела, хорските композиции „Ленка”, „Кумановка од 1-4″, „Илинденка”, „Очи”, “Свадбарска”, „Туѓина”, „Роса”, „Ракатка 2″,  балетот „Лабин и Дојрана”, антологиските опери „Разделба” и „Кузман Капидан”, филмските музички дела за „Чорбаџи Теодос”, „Бегалка”, „Илинден 1903″, „Комитска легенда” и многу други камерни композиции,базирани на теми и ритмички структури на богатото македонско фолклорно наследство, Прокопиев станува препознатлив и влијателен композитор чии дела биле оценети од своите современици со највисоки оценки.

Од денешна перспектива неговиот композиторски опус добива уште повеќе на значење, посебно заради тоа што во неговата активност ја препознаваме желбата за создавање на автентична македонска сериозна музика која би била препознатлива во Европа и светот.

МИА

Лограње

X

Регистрација