– ММС
Македонија Спорт

Во Кочани се одржа планинската трка „Gratche Trail Run”

Над 150 натпреварувачи учествуваа на третиот натпревар во планинско трчање „Gratche Trail Run 2019″, што денеска се одржа на падините на Осоговските Планини, а чиј организатор е Друштвото за спортови во планина МТБ „Исток” од Кочани.

Должината на патеката изнесуваше 13 километри, со вкупна висинска разлика од 660 метри, а учесниците трчаа низ прекрасните предели на браната Гратче, селата Горно и Долно Гратче, како и водопадите на Голема Река.

– Трката има за цел да ги промовира убавините на браната Гратче и Осоговијата, како и да придонесе за развој на планинското трчање и спортот воопшто, односно да биде поттик за младите генерации да се занимаваат со спорт. На минатогодишното издание на „Gratche Trail Run” учествуваа 190 натпреварувачи, а сличен одзив имаме и годинава, што е извонредна бројка за ваков настан. Љубителите на природата и на планинското трчање, не само од Кочани, туку и од Штип, Виница, Велес, Гевгелија, Скопје и другите градови ни се придружија на трката што во наредниот период планираме да ја прошириме, односно да ја зголемиме должината на патеката и да добие меѓународен карактер, истакна Панче Зафиров, претседател на МТБ „Исток”.

Како подготовка за планинското трчање, членовите на Друштвото МТБ „Исток”, се придружија на еколошката акција на компанијата „Амфенол Технолоџи Македонија” и здружението „Не биди ѓубре”, при што паралелно со маркирањето на патеката ја чистеа околината на водопадите на Голема Река каде што минува и самата патека на трката.

За успешно организирање на планинската трка финансиска поддршка беше обезбедена од локалниот бизнис сектор, како и волонтери членови на МТБ „Исток”.

МИА

Лограње

X

Регистрација