ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 10/28/19 12:46 PM

Дактилографите станаа дефицитарна струка

Основен суд Велес има потреба од професионални дактилографи. Природниот одлив на вработените од работните места, ја прави дефицитарна оваа струка.

Од учениците од насоките општествено хуманистичката во  гимназијата  „Кочо Рацин“ и за деловен секретар во  средното економско училиште„Јовче Тесличков“ , првите луѓе во велешката куќа на правдата побараа  да размислат доколку не планираат да студираат да размислат за вработување како дактилографи во судска администрација.

-Нема многу обучени записничари па затоа земете ја во предвид и таа можност. Доколку сте брзи и спретни ќе имате можност да се вработите како дактилографи, рече Сузана Варналиева, администратор на Основен суд Велес.

Освен за потребата од професионални дактилографи со вештини за брзо и прецизно типкање на компјутерската тастатура , со десетте прсти на двете раце ,исто така, пред  учениците од  двата образовни профили,  беа промовирани и останатите работни места во судската администрација. Учениците беа гости во судот на одбележувањето на Европскиот ден на граѓански права и учесници во симулација на судење.

-Секоја година, со особено задоволство можам да забележам дека симулациите завршуваат успешно. Морам да кажам дека сите ученици одлично се снајдоа во улогите кои ги одиграа. Јас искрено се надевам дека некој од нив во иднина ќе се одлучи тоа да му биде и животна професија.- рече судијката и претседател на Кривичното одделение Габриела Гајдова. Таа ја подготви симулацијата на судење на кривичен предмет.

Ако минатата година одржаната симулација на судење во која судии, обвинети, оштетени или јавни обвинители  беа токму ученици ја мотивираа велешанката Амела Кицара годинава да биде бруцош на Правниот факултет „Јустинијан Први“ сега ученикот  Игор Грујовски вели дека вгодина бројот ќе биде поголем .

– Минатогодишниот настан во судот мотивациски влијаеше да одлучам да студирам право. Да се биде правник значи да се има самодоверба да се говори јавно, да се биде хуман и да се практикува правото низ призмата на правда, правчност и заштитата на човекови права, рече Кицара.

-Денеска почувствувавме како е да се седи на столчето на судија и на порота. Интересна ама и тешка, одговорна работа. Се надевам дека еден ден некој од нас ќе биде судија на вистинско судење а не на симулација, рече Грујовски.

Годинава,  Основен суд Велес по трет пат ширум ја отвори влезната врата на Европскиот ден на правдата како за учениците така и за граѓаните.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7