– ММС
Вести Македонија

Грчки медиуми: Разочараност и политички земјотрес во Скопје по ветото од Франција

Ветото од Франција предизвика политички случувања во Северна Македонија“; „Бура во Скопје по кажаното „не“ од ЕУ“; „Разочараност во Северна Македонија“; „Политички земјотрес во Скопје“, се дел од коментарите во грчките медиуми по завршениот Самит на ЕУ, а случувањата во земјава беа дел и од синоќешните централни изданија на вестите на грчките телевизии, но и на насловните страници на денешните изданија на весниците, jави дописничката на Медиумската информативна агенција од Атина.

Медиумите во Грција ги пренесуваат изјавите на првите луѓе на Еврокомисијата, Жан-Клод Јункер и на Европскиот совет, Доналд Туск и на шефот на француската држава Емануел Макрон, но и на претседателот Стево Пендаровски, информирајќи за вонредната лидерска средба закажана за в недела, а во текот на вчерашниот ден пишуваа и за наводна оставка на премиерот Зоран Заев.

Грчката телевизија Антена коментира дека Франција ја блокираше европската перспектива на Северна Македонија, а државната телевизија ЕРТ, во прилогот во централното издание на вестите, коментираше дека постои разочараност во Северна Македонија.

Во текот на вчерашниот ден во грчките медиуми кружеше информацијата за наводна оставка на премиерот Заев. Дел од информативните портали во Грција се повикаа на веста објавена од италијанската новинска агенција АНСА, додека пак во централните вести на телевизиите, новинарите коментираа дека постојат шпекулации за оставка, но и демант од Владата на Северна Македонија.

– Според новинарски информации Ангела Меркел му се јавила на Заев и побарала да не поднесува оставка, додека пак и други странски лидери го повикаа премиерот на соседната земја да продолжи по патот на реформите – пишува Катимерини.

Паралелно медиумите во Грција ги пренесуваат и ставовите на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, кој на вчерашната прес-конференција од Брисел рече дека резултатот не е добар ни за Балканот, ни за Грција, говорејќи за проширувањето на Унијата, односно како што рече за прашањето „за кое за жал не успеавме да се договориме“.

Лограње

X

Регистрација