– ММС
Вести Култура

Светска премиера на „Врба“ на Филмскиот фестивал во Рим

Шестиот игран филм на режисерот Милчо Манчевски – „Врба” денеска ја доживее својата светска премиера на третата вечер од 14. Филмски фестивал во Рим, со што ќе биде првиот македонски филм што ќе учествува во неговата официјална селекција, избран од уметничкиот директор Антонио Монда.

Филмот денеска ќе има утринска проекција за новинарите, по што ќе следува прес-конференција со режисерот Манчевски и актерките Сара Климоска, Наталија Теодосиева и Камка Тоциновски, а вечерта е гала-премиерата на која ќе присуствува и министерот за култура Хусни Исмаили. „Врба” е македонско-унгарско-белгиска копродукција во која учествува и Албанија. Се снимаше лани два месеца (октомври и ноември) во Мариово, Преспа, Трескавец и во Скопје.

„Врба” е филм за лојалност, љубов, доверба и мајчинство, кој спојува приказни за три млади мајки – едната се случува во 17 век, а другите две се современи. Приказните се надополнуваат, а во исто време се и контраст една на друга. Љубовни приказни во кои главната тема е лојалност, меѓутоа и односот на општеството кон поединецот и на поединецот кон општеството. Имаме среќен крај овојпат, рече режисерот Манчевски пред две недели на прес-конференција по повод светската премиера.

Во селекција на Римскиот фестивал годинава се влезени филмови од 25 земји. Беше отворен завчера со најновиот филм на актерот и режисер Едвард Нортон со неговиот „Бруклин без мајка”, во кој играат Брус Вилис, Алек Болдвин и Вилем Дефо.

 

Лограње

X

Регистрација