Штипскиот совет наместо советници го претставувале портпароли и кафекуварка

Штипскиот совет наместо советници го претставувале портпароли и кафекуварка

На советување за родова буџетирање на кое биле поканети членови на Советот, заминале тогашните општинските портпароли Драган Ристов и Милена Ристова-Михајловска, а со себе ја зеле и општинската кафекуварка. За ова сведочи советничката, Ленче Рунтева на чие место отишле портпаролите.  



„Имаше советување за родовото буџетирање во Маврово на коешто требаше да присуствуваме, јас- Ленче Рунтева и советничката Маре Данкова од ВМРО-ДПМНЕ, но бидејќи немаше директен превоз до Маврово ние не можевме да присуствуваме, за да веќе наредниот ден видиме дека сепак на семинарот заминале соработници на градоначалникот, кои со службено возило присуствуваа на настанот“, вели советничката во штипскиот совет, Ленче Рунтева.


За протежирање на членови на кабинетот на градоначалникот, наместо советниците се пожали и претседателот на Советот, Влатко Миташев.



Според него, никогаш во овие 4,5 години, колку што е мандатот на овој состав на  Штипскиот совет не е побарано советници да земат учество во претставувањето на општината во друг град или надвор од државата.


„Одеа многу луѓе против кои никој од нас советниците нема ништо лично, значи ние одобруваме дека треба да одат уметници, стручњаци, врвни во својата дејност, но нејасно е како од 23 советници нема барем еден да знае нешто да каже и да го претстави советот“,  вели Миташев.


Изминатите месеци преставници од Штип одеа во Париз , но и во Сплит.



Во македонската амбасада во Париз општинскиот портпарол, Драган Ристов се претстави со изложба на цртежи "Сенки". Како што рече по враќањето од Париз, тој ја искористил и шансата да ги промовира и своите книгите „903" и „Штип во американскиот печат". Педесетминутен концерт имаше професорот по пијано, Ангеле Михаловски од Музичката академија при УГД, а беа претставени и новите книги кои се во издание на Универзитетската библиотека „Гоце Делчев“.


Според објавените слики на Фејзбук, збогатени со по некоја семејна фотографија, сличен бил составот и при посетата во Сплит.


Кој се’ ја претставувал штипската општина надвор од државата и по која одлука тоа е направено, побаравме од општината информација по Законот за слободен пристап на информации, но оттаму се уште се чека одговорот.