Штипскиот градоначалник со таен имот?

Штипскиот градоначалник со таен имот?

Фотографии од службеното возило  пасат, сопственост на Општината Штип, паркиран до влезот на рибниот ресторан  „Воденица“ во делчевското село Звегор, а до возилото градоначалникот Илчо Захариев, во лежерна облека.



 


Овие снимки беа доставени до редакцијата на Канал 77 со прашање, како се нашло службеното возило на општината во родното село на Захариев и тоа до овој рибен ресторан, кој се наоѓа на имот на синот на градоначалникот, Александар Захариев. Ова дополнето со прашањето, дали градоначалникот Захариев го пријавил во неговиот имотниот лист, како имот на член на семејството, како што налага законот.



 


По нашата проверка, неспорно е дека пасатот е општински. Од имотниот лист, кој јавно може да се погледне на сајтот на Антикорупциска, штипскиот градоначалник Илчо Захариев, нема пријавено имот во Звегор на член на семејството. Во лисата на сопственици на парцелата со  рибниот ресторан со паркираниот општински пасатот, стои дека е сопственост на Александар Захариев, синот на градоначалникот на Штип. Од сопственичкиот лист се гледа дека овој имот Александар го добил на дар.



Во листот на сопственици е впишано името и на Тони Стаменковски, близок роднина на Захариев,  кој подоцна добил замена за неговото парче земја. Сопругата на Стаменковски, Катерина Цоневска Стаменковска е сопственик на друштвото за производство, трговија и услуги рибник „Воденица“ во Звегор.





Во важечките сопственички листи, односно во официјалната документација, само 43 квадрати е градежно земјиште, додека дури 910 квадрати е нива од петта категорија. Дали нивата станала рибен ресторан во меѓувреме, треба да покажат другите документи, кои ги бараме од надлежните органи. Извесно е дека штипскиот градоначалник Илчо Захариев, според имотниот лист што го дал во Антикорупциската комисија, пријавил дека  во неговото родно село, има куќа од 100 квадрати со дворно место од 613 квадрати и шума 31.641 квадратни метри.



Фотографиите и документите се јасни. Но, дали кријат поголема приказна? За ова во истражувањето кое следи.