Четири земјотреси по последната нуклеарна проба на Северна Кореја

zemjotres

Јужна Кореја детектирала четири помали земјотреси во близина на главната локација за нуклеарни проби во Северна Кореја, по шестата и најсилна атомска проба извршена минатиот месец.


Јужнокорејската метеоролошка агенција соопшти дека четирите протреси веројатно се случиле поради подземните нуклеарни експлозии, извршени на 3 септември, кои ја ослабеле структурата на тектонските плочи во тоа подрачје.

Вакви земјотреси не се регистрирани по петте претходни нуклеарни проби на Северна Кореја и помалите атомски тестови од 2006 година.


Магнитудата на денешните потреси била 2,7 степени, а епицентарот е 54 километри северозападно од градот Килџу, на североистокот на земјата.