ФК Брегалница ја „пукна тиквата" меѓу Захариев и советниците

Претседателот на штипскиот Совет, Влатко Миташев тврди дека иако и градоначалникот, Илчо Захариев самиот се согласил да биде сменет Ангел Бојаџиев од позицијата прв човек на Ф.К Брегалница, веќе наредниот ден по едногласно донесената одлука на Советот, почнал игнорантниот па дури и одмазднички однос кон советниците и кон него лично.



„Не' прогласија дека сме соработници едни со други, дека сме направиле коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, што не беше воопшто вистина. Ние и друг пат сме носеле едногласни одлуко па не било така. Но овој пат со смената на претседателот на Ф.К Брегалница работите почнаа да се менуваат. Ние бевме под притисок на граѓаните дека мораме да преземеме нешто, општината даваше многу пари за клуб кој испадna од првата лига. Пред седницата на Советот го прашавме градоначалникот што да правиме, дека луѓето бараат да се направат промени и тој ни дозволи да го направиме тоа, ни рече како сте се договориле сите советници, така гласајте. Едногласно донесовме одлука, но веќе наредниот ден почнаа екипи од Ј.П Исар да одат по домовите на советниците и да им ја исклучуваат водата. Не можев да контактирам повеќе со градоначалникот, телефонот ми беше блокиран. Сите тие реакции навистина ми беа чудни", тврди Миташев.


Според него, подобро е секој што има нешто да каже да го каже од говорница, а не да се свикуваат прес-конференции и да се држат лекции кој како ги полнел џебовите.


„Ние добиваме паушали што е регулирано со закон во оваа држава ,исто како што е и неговиот паушал. Што во овој случај требаше  да прават советниците, да аплаудираме или да имаме малку оладен однос кон таквите констатации", смета Миташев.


Тој реагира и на тоа што во текот на мандатот на Советот на поедини барања на граѓаните не одговарал Советот туку одговарал градоначалникот:


„Документите се тие што сведочат. На нив се гледа нула реализација на некои ставки и многу мала реализација на оние социјални ставки што се однесуваат за социјална помош, еднократна парична помош за лекување на граѓани и друг вид на барања. Тука спорот е што на поедини барања на граѓаните не одговарал Советот, туку одговарал градоначалникот Захариев".



На последната седница на Советот на која советниците донесоа одлука за одржување на референдум против населување и интегрирање на мигранти на територијата на општина Штип, не присуствуваше градоначалникот Захариев  и советниците на оваа седница не го слушнаа неговото мислење по оваа прашање.Токму на ова реагираше и претседавачот, Миташев.


Тој не се согласува дека овие реакции за однесувањето на Захариев кон Советот сега на крајот на мандатот можеби се задоцнети.