На манифестацијата во нејзина чест, пастрмалијата се трошеше најмалку

Високите температури си го направија своето, наместо штипската пастрмалија на единаесетото издание на штипската Пастрмалијада доминираа алхохолните пијалоци. Добра заработка за угостителите но екстра за штандовите кои што продаваа алхохолни пијалоци и кои што за воља на вистината ги имаше и премногу. Можеа да се забележат штандови на кафулиња и од други градови.



Колку пастрмајлии се изедени, никој не може да каже, но бројката на посетители оваа година во стилот на весела математика. Штипскиот градоначалник на денешната прес-конференција рече дека Штип за овие изминати три дена го посетиле над 150.000 гости.


Штипската полиција со други бројки. Од тука велат дека околу 50.000 посетители, присуствувале на тридневната Штипска манифестација. Вечерта за време на настапот на Лепа Брена во градот и околината се паркирани околу 5000 возила, за останатите два дена околу 2000, информираат од Полицијата.



Што се однесува до безбедносната состојба на местото на одржувањето на Пастрмалијадата, не бил забележан ниту еден инцидент, она што како настани биле забележани за време на одржувањето на манифестацијата, една тепачка и две ситни кражби, не било во рамките на манифестацијата, велат од полиција.


Интервенциите пак на Итната медицинска помош покажуваат дека не било се’ така мирно. Од тука велат дека очекувано било да имаат зголемен обем на работа, но освен возилото кое што на вакви манифестации задолжително треба да биде присутно, се интервенирало и со дополнителна екипа.


Најчесто интервенирале поради колапси и алхохолно труење. Интревенции за прејадување или други непријатности поврзани со храната, немало.


Иако од Полицијата тврдат дека не се забележани никакви безбедносни инциденти, од Итната медицинска служба велат дека биле повикувани на интервенција поради тепачки, обично по полициската интервенција.


За разлика од претходните години, оваа година вели штипскиот градоначалник Захариев, нема забелешки на однесувањето на угостителите.



Ова се главно впечатоците на ден по завршувањето единаесетото издание на штипската ,,Пастрмалијада 2017“. Коментарите но и забелешки доправа ќе следуваат, доволно да се средат впечатоците на штипјани но пред се на гостите кои ги имаше и од Македонија но и надвор од неа.