Над 217 000 евра чинел ангажманот на Никовски, еден од надворешните соработници на Груевски

Вкупно 217 490 евра од државниот буџет му биле исплатени на Александар Никовски, еден од надворешните соработници на поранешниот премиер Никола Груевски. Од оваа сума, 70 500 евра се исплатени како хонорар, а 147 000 на име трошоци.


Договорите за ангажманот на Никовски и на уште двајца надворешни соработници на Груевски се едни од договорите за кои Владата побарала истрага од МВР, но и започнување постапка пред Државното правобранителство. Ова денеска на прес конференција го соопшти владиниот портпарол, Миле Бошњаковски. Тој соопшти дека постојат индиции за специфични тендери, набавки и договори со кои е направена штета на државниот буџет. Одговарајќи на новинарско прашање за колкава сума точно се работи, тој истакна дека немаат збирна информација.


Владата исто така, до МВР поднела барање за спроведување истрага за сторена повреда на одредбите од Кривичниот законик за начинот и процедурата за набавка на авио билети од страна на Службата за општи и заеднички работи од 2014 до 2017 година.


До МВР е испратено и барање за спроведување истрага во врска со начинот и процедурата за набавки на стоки и услуги од страна на фирмата Атриум од 2012 до 2017 година.