Кафе барови и сендвичари и годинава ќе продаваат штипски пастрмајлии

Над 100.000 евра од Штип за Србија ќе однесат турбо фолк ѕвезди и некогашните ЈУ ѕвезди, кои ќе настапат на штипската Пастрмалијада, која според коментарите, полека се претвара во алиби за продажба на жесток алкохол и турбо забава. При тоа, ставајќи ја целосно во сенка идејата за културно-туристичка манифестација за јакнење на штипскиот бренд – пастрмалијата.  



Пастрмалијата, како и изминатите две-три години на гостите од останатите градови, овој викенд  ќе ја нудат кафе барови, сендвичари, пекарски работилници и ситни профитери, кои закупија штандови. Околу 35 угостители на општината Штип треба да и’ платат по 20.000 денари, еднократен надомест. Угостителите, според  Кирил Панајотов од Општината Штип  се помали спонзори на манифестацијата, кои имаат обврска добро да го претстават штипскиот бренд, пастрмалијата. Сепак, големите угостители, кои се бренд на градот, ги нема на Пастрмалијадата. Некои од нив, со кои разговаравме изјавуваат дека оваа манифестација одамна ја изгубила смислата, која немаат врска со основната идеја за промоција на Штип како град на пастрмалијата, туку е манифесација за остварување профит. Според нив, угостител и пекар се задолжени да ги организираат штандовите.  По оценка на овие двајца се даваат атрактивни и помалку атрактивни штандови, додека сите плаќаат ист износ на општината. Поучена од сопствените грешки, оваа година нема параван - невладина организација, која се јавува организиратор на Пастрмалијадата. Во јавноста остана непознато како заврши кривичната пријава за проневера на пари од Пастрмалијадата за претседателот на истоимената невладина организација, која се јавуваше како организатор.  


Во официјалните изјави, Општината Штип е единствениот организатор, кој од општинскиот буџет издвојува два милиони денари. Според објаснувањето, овие пари се за организација на манифестацијата, но не даваат детали за што се трошат овие пари.  



- Поголемиот дел од пејачите ќе бидат платени од спонзорите. Главен спонзор е „Скопско“. Сите трошоци околу логистиката, поставувањето на штандовите, електричната енергија и слично, ќе бидат на товар на Општината, во соработка со спонзорите, сите тие ставки ќе бидат реализирани, соопштија од Општината Штип.  



За организаторот – Општината, на неколку дена пред Пастрмалијадата се испречил проблемот со ангажманот на полицијата во трите дена од манифестацијата. Се покренало прашањето за до сега заборавениот дел од законот, каде стои дека организаторот, т.е. Општината Штип,  треба да му плати на МВР за работењето на манифестации од ваков тип. Од СВР Штип, според овие шпекулации, (како што е редот), била побарана документацијата, плановите за штандовите и бинатата, и слично, што било новина за Општината.  


Од штипски СВР денеска соопштија дека ова е надминато и полицијата во обезбедување на јавниот ред и мир, регулирање на сообраќајот и другите обврски ќе работи без надомест од Општината.  


- Во интерес на добрата соработка на релација Општина – СВР, соработката ќе биде како и до сега, изјави портпаролката Гордана Панајотова.  


Штип во следните три дена ќе биде во знакот на пастрмалијадата, штипскиот бренд, кој останува во сенка на српските турбо фолкери. На социјалните мрежи осамнаа коментари за високите хонорари на фолкерите.  



Сепак, да потсетиме на правилото – за вкусовите не се разговара. Но, за парите, уште ако се граѓански ќе треба.