ЗАХАРИВ под сомение за 33.000 евра

Нема информации каде отидоа 25.000 евра наменети за граѓанските организации и 8.000 евра за социјални трансфери…Ќе продолжи да спие или ќе реагира Општинското јавно обвинителство по допрен глас за овој најнов во низата скандали на штипскиот градоначалник?



Кога Илчо Нарцис Захариев, градоначалник на Штип, ќе посака јавно да се одбрани од аргументирани критики кои јас како новинар, а и голем дел од јавноста му ги упатуваме за самоволниот начин на раководење со градот кој дал врвни политичари и интелектуалци, самиот запаѓа во жив песок од кој ни сто багери на Коле Транс не можат да го извадат.


Па така, неодамна Захариев достави писмо против мене како новинар, уредник и сопственик на весникoт Штипски Глас и на порталот www.istokpress.mk Писмото го упати на две адреси: на Здружението на новинари на Македонија чиј член сум 50 години, и на парталите Курир, Република и на нив слични кои не чекаа ниту момент за да го објават како првокласна сензација. Посебно што сега јас сум и кандидат за член на Советот на Општина Штип од колацијата предводена од СДСМ, а како член на Партијата на обединети пензионери и граѓани на Македонија, што, со оглед на мојата возраст и на мојот статус, ме личи.


Во писмото, помеѓу другото, Захариев пишува дека на весникот Штипски Глас, чиј уредник и сопственик сум, претходниот градоначалник и тој му дале 15.000 евра. Па додава: „Додека му давав пари (на Бојаџиски, н.з.) јас за него бев добар градоначалник, кога одлучив да штедам, станав „нарцис“, „травар“…


Така напиша Илчо Нарцис Захариев и само го здебели контото на своите лаги.


Јас сега само сакам аргументирано, со мислечката јавност да ги споделам информациите за соработката на Штипски Глас со локалната штипска власт во времето на четирите години на Нарцисот Захариев. Но и за времето на неговиот претходник Зоран Алексов.


Приближно точна е сумата за која пишува Захариев во својот памфлет но крајно некоректно меша шлепер и жаба. Имено, поранешниот штипски градоначалник Зоран Алексов од вемерето беше господин човек. Редок интелектуалец. Захариев не му е ни до колена. И за Алексов, во Штипски Глас сум пишувал критички текстови. За големото интервју со Горан Гаврилов, сопственик на Канал 77, Алексов како градоначалник, пред петмина други новинари, меѓу кои и Драган Ристов, актуелен советник за односи со јавност на Захариев, ми се обрати на  многу висок тон и со следниве зборови: „За вакво ли ѓубре ние ќе даваме пари“ – покажувајќи на текстот-интервју со Гаврилов…Колегите беа стаписани, јас си бев прибран. Имавме одлични релации но му реков: „Господин градоначалник вие нема да ми го уредувате мојот весник. Вие давата пари за вашиот Мозаик, сами си го пишувате и уредувате, додека уредништвото на мојот дел од Штипски глас си е моја работа, Слободно можете да го прекинете договорот, а Штипски Глас или ќе биде весник каков што на градот му треба или нема да го има, ама за тоа јас одлучувам“, му реков пред сите присутни. Целиот непријатен разговоро се одвиваше во кабинетот на претседателот на Советот на општината. Но Алексов, пак да повторам, си беше и си остана господин човек за разлика од Захариев кој во интелектуална смисла не може ниту вода да му носи.


Захариев, за разлика од неговиот претходник, на првиот мој објавен критички текст за некои негови недоследности, ургентно го прекина договорот со Штипски глас. Тој за својот МОЗАИК кој излегуваше како додаток на мојот Штипски Глас, а не за Штипски  глас, во четиригодишниот мандат има издвоено само 2.000 евра. На годишно ниво тоа се 500 евра. За тоа добил 48 страници А3 формат, односно 96 А4 формат, или близу 170 текстови во кои ја величел својата личност. И парите кои Алексов ги даваше беа за општинското гласило МОЗАИК, а не за Штипски глас. Сега МОЗАИК си е самостојно издание во кое на 20 страни има 21 слика на Захариев.


Но, не е само ова предмет на мојот денешен текст во истокпрес. Овде сакам да објавам и две сомнителни финансиски работи од „активитетот“ на Захариев.


Имено, на претпоследната седница на Советот на општина Штип беше кажано, од сопартијци на градоначалникот, дека Советот донел одлука на граѓанските организации да им се доделат 1,7 милиони денари, но Илчо не ги фермал одлуките на Советот па на граѓанските организации им дал само 20.000 денари! Каде отидоа 1,5 милион денари, односно 25.000 евра! На што ги потроши овие пари Нарцисот? Од невладините тврдат дека имале сознанија дека нивните пари биле транферирани на спортски клубови и институции кои не постојат. Тоа е напишано и во Штипски Глас, ама од ОЈБ нема реакција по допрен глас.


Втор случај. Советот на општина Штип донел одлука за социјални трансфери да бидат издвоени 550.000 денари. Но, градоначалникот Илчо пак сметал дека е над Советот и над се што диши во градот. Па за социјални трансфери издвоил само 44.000 денари. Каде отишле другите 510.000 денари, односно над 8.000 евра? Илчо за тоа отчет никогаш нема дадено. А беше обвинет на седница на Советот дека со своето самоволно поведение спречил Општина Штип да води добра и квалитетна социјална политика. Обвинението дојде од неговите партиски другари, советници.


Кога севкупно ќе се земе, само во овие два случаи Илчо Захариев е сомнителен за сума од 33.000 евра. Тоа се народни пари на кои не им се знае посоката.


Она што треба јавноста да го знае секако и е фактот дека пред да го превземе мандатот, јас со Захариев бев пријател едно подолго време. Јас лично како, главен уредник на ТВ Ирис и како уредник и сопственик на Штипски Глас од непознат аптекар го направив јавна личност во Штип. Тој на мојата викендица има испиено стотина чаеви кои му ги подготви мојата покојна сопруга. Доаѓаше да бара да го правам јавна личност. Но кога тој стана градоначалник му кажав вака: „Досега бевме пријатели но од овој момент јас секој ден ќе ја контролирам вашата работа. Тоа ми го налага мојата професија, мојот морал, моето 50 годишно новинарско работење, моето човечко поведение“. И кога започна да прави грешки кои беа и сеуште се резултат на неговата нарцисоидна природа, јас во Утрински весник чиј дописник бев од регионот, и во мојот Штипски Глас, покрај за неговите добри работи од интерес за градот, започнав да пишувам критички за некои негови потези. Тој за освета направи две работи: самоволно го прекина договорот со Штипи Глас и крваво посегна по моето семејство. Како што посегна по стотици други семејства, за што денови , по име и презиме и по грозотиите што тој им ги направи на луѓето ќе имам друг прилог.


Сега само јавна порака до Основното јавно обвинителство во Штип: ќе постапи ли ОЈБ по допрен глас и ќе покрене ли истрага за да се истражи каде отидоа 33.000 евра народни пари за кои самоволникот Захариев не му даде отчет дури ниту на Општинскиот совет кој ја има функцијата на локален парламент на Штип?