Замаглениот историски поглед на (не)интересниот човек

Гарантирано одговорот е НЕ, овој човек може да биде интересен само за другарчето му од јужната земја и уште повеќе да си играат мајтап со него и со неговата северна земја, а поради неговиот дилетантски однос кон дипломатијата на Македонија. Како и не би се мајтапеле со него кога кутриот тој се радува дека се сликал со амбасадорот на Кралството Холандија во Македонија како што мало дете се радува на фотографија и пакетче од Дедо Мраз. Овој интересен човек се подмочува од радост на фотографирање со амбасадор на друга држава и уште замислете, вели дека Холандија му е втора татковина. Кога можеме да го видиме овој „став“ ептен дипломатски и патриотски и секако став од формат за еден министер и потпикувањето на еден министер за надворешни работи, тогаш може да замислиме каква е перцепцијата за овој интересен човек кај неговите колеги од соседните и Европските држави, тогаш навистина ним им е интересен (незнам можеби го сметаат за кловн), но со сигурност велам дека перцепцијата за Македонија како држава и за нејзините институции особено МНР е страшно понижувачка.


И толку за перцепциите на другите кон (не)интересниот човек и неговата северна земја која ја претставува како министер за надворешни работи (како да е тука на привремена работа, а можеби  и е). Сега малку дипломатска, историска, прагматична и професорска поука за тоа што се националните интереси кои тој треба да ги штити, промовира и реализира во неговата работа (па дури и да ја разбрал како привремена на определено време од неколку месеци), бидејќи во спротивно како што можеме да видиме последиците ќе бидат многу тешки и историски.


Интересен човеку, твојот замаглен историски поглед кој сакаш да ни го инсталираш како европска вредност на отвореност, обиди се да го продадеш во твојата втора татковина Холандија на нивна кожа, па да видиш како ќе поминеш и каде ќе завршиш. Не сум убеден дека си толкав аналфабет и дека не ги знаеш историските факти за Мегала идеја на Ванизелос, за Начертание на Гарашанин, за Сан Стефанскиот мировен договор и идејата на Батемберг, а подоцна и Кобург, за Призренската лига (или лиги) и воено-дипломатските игри на Русија, Австро-Унгарија, Германија, Италија и самата Турција како и на сите наши соседи во минатото кога се создаваа Балканските монархии. Каква беше судбината на Македонија и кој со каква идеја настапи во 19-от век и таа големодржавна идеја ја пренесе и во 20-от век, а како што можеме да видиме и во 21-от век истата не застарува. Зарем ти не знаеш за дипломатските договори за размена на население помеѓу Турција и Грција, Бугарија и Грција или пак историските вистини не те интересираат, тебе те интересира замаглената иднина без корен.


Неможе никој да не убеди дека Грците сега по Бугарија ќе имаат коректен однос кон историјата и дека ќе признаат дека се окупатори на Егејска Македонија, дека извршиле геноцид врз Македонскиот народ и дека ги одземаа имотите од Македонците кои ги протераа, а топонимите ги преименуваа (гледај што се случуваше во Албанија и што се случува во некој делови на Македонија со топонимите, а тоа многу покажува како се правела историјата и кој е фалсификатор). Токму затоа и не не признаваат како нација, бидејќи тогаш ќе треба да ни се извинат за сите злодела кои ни ги направија во минатото и кои сеуште на современ начин ни ги прават. Тоа ги боли Грците и затоа замаглениот поглед на интересниот човек Николаос од северната земја и отворањето на вакви глупави и непродуктивни дебати на штета на Македонија се во полза на Грците. Но, тоа ќе биде од полза и на Бугарија, бидејќи ова е заеднички настап. Верувајте дека на Грците секое историско прашање кое ќе се отвори ќе им одговара да заврши со констатација дека на крајот не се работи за Македонци туку за Бугари, Егзархисти, Патријаршисти, неосознаени Грци и слично. Како ли во оваа отвоарање на историските „погледи и различности“ ќе се толкува масакрот во Загоричани кога од страна на озлобените грчки андарти беа убивани бремени Македонки и децата неродени им беа вадени од утробата. Верувам дека овој варваризам на почетокот на 20-от век кој Европа го одмолча и одмолчува во името на демократијата, воопште не го допира, а не пак накострешува и исполнува со емоции интересниот човек. Секој нормален човек за ова не би сакал да зборува туку немушто ќе одаде почит врз овие Македонски невини жртви и би барал потомците на зверовите да се извинат доколку и малку нешто човечко имаат во себе. Треба ли да потсетиме на запалениот и до темел уништен Серес или Кукуш, Гевгелија и многу села во Втората Балканска војна, или на бегалците од Егејска Македонија протерани по граѓанската војна 1949 година. А, тоа и не е толку далеку, сеуште има живи кои живо се сеќаваат на злосторствата кои треба сега историски да се преправаат. Ами да, тази дупка не е дупка. Ама дупката во главата ќе ви остане, како и петното на предавници кое го носите, а ќе го носат и вашите поколенија.


Ете затоа врз историските факти, особено оние во кои се сторени злосторства против човештвото врз Македонската нација треба да бидат основ за внимателно креирање на современата дипломатија, а заснована врз заштитата на националните интереси.


Основниот, базичен национален интерес на Македонскиот народ е зачувување на Македонецот и Македонија, а преку историската магла врз очите на интересниот човек тешко дека ова ќе може да го согледа и оствари како жизнодавен национален интерес. За остварување на овој интерес во меѓународните односи задолжена е дипломатијата на прво место, потпомогната со безбедносниот систем, економската промоција на Македонија и културната презентација на нацијата и државата. Ниту една од овие алатки нема да може да се употреби доколку се реализира историската деформација која за цел ја имаат Грција и Бугарија, а особено Грција. Доколку ова неможе да го согледа интересниот Николаос, професорски му препорачувам да се обрати кај колегите на Правниот факултет „Јустинијан I“ и кај колегите од Институтот за Историја на Филозофскиот факултет во Скопје, белким ќе успеат да го реобразуваат пред да успее со неговиот заматен историски поглед да не втурне во нарачана „реелинизација“ или „ребугаризација“.


Народе Македонски свести се свести ти, кој слепци те водат во провалија.


Доцент д-р Оливер Андонов