Енџелс работел без одобрение - инспекцијата го затвори

Пазарната инспекција издаде решение, со кое привремено ја забрани  работата на Енџелс кафе. Забраната  е 30-деневна, поради сторен законски прекршок. 



При вонредна инспекција,  инспекторите утврдиле дека кафе барот во време на одржувањето на „Самер бич фестивалот“ нема одобрение од градоначалникот на Општината Штип. Општината, кога побаравме информации, соопшти дека издала одобрение за работа на Енџелс со продолжено работно време уште во 2015 година, со фактот дека го ставила фестивалот во списокот на општински манифестации. Ова го оспоруваа правници, кои сметаа дека општината е должна секоја година да изготвува програми за работа и во нив ги сместува манифестациите за кои може да се продолжи работното време на угостителските објекти. Во ниту една општинска програма за 2017 година го нема фестивалот на Енџелс.


Решение за привремена забрана на работа


Пазарен инспектор влегол во кафе барот на 26 август, во два часот и десет минути по полноќ. Според издаденото решение на Пазарната инспекција, затекнати се меѓу 1000 и 1500 гости на кои им се служело алкохолни и безалкохолни пијалоци, додека се забавувале со музика на ди-џеј.



При тоа, Пазарната инспекција констатира дека „на увид не беше ставена потребната документација за вршење дејност. Решението на инспекцијата укажува дека Енџелс кафе сторил прекршок, со тоа што  врши угостителска дејност„ без да поседува одобрение издадено од градоначалникот на Општината Штип“.


Кафе барот не поседувал документација за широкиот отворен простор на летната бавча, попесочен со поставени маси за гости, каде се одвиваше програмата на фестивалот.


Увид во работење на Енџелс за време на одржувањето на фестивалот,  извршиле и Управата за јавни приходи и полицијата, меѓутоа, овие две институции наодите ги препратиле до Основното јавно обвинителство. Во интерес на истрагата, како што соопштија, не дадоа повеќе информации. 


На Роберт Димитров не му цветаат рози во бизнисот во време на владеењето на СДСМ, чие доаѓање силно го поддржуваше. Дали Димитров можеби очекуваше дека декларативно објавената поддршка за СДСМ на социјалните мрежи ќе го „спаси“ и амнестира доколку тој и неговите компании не го почитуваат законот? Или пак ќе  жали дека не може да се тера бизнис во Штип, додека „власта“ му праќа инспекции?