Дебата: Попрофесионално новинарско известување во изборната кампања, но и говор на омраза што мотивира насилство

Новинарите драматично го подобрија известувањето за време на изборите годинава, за разлика од лани кога се достигна врвот на непочитување на новинарските стандарди. Ова денеска го истакна директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Зоран Трајчевски, на дебатата што ја организираше ЗНМ.


Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги поднела прекршочна постапка против ТВ Алфа за неизбалансирано известување во предизборниот период. Поднесени се и неколку претставки за техничко непочитување на политичкото рекламирање и објавувањето на анкети, за разлика од лани кога биле поднесени 67 прекршочни постапки – соопшти денеска  Трајчевски. Според него, врз сликата за работата на медиумите влијаат и државните иституции.


Дури сега за првпат, нагласи Трајчеввски, Судот закажа рочиште во рок од 48 часа по поднесувањето на прекшочната, како што налага Изборниот законик:


„Досега ова не беше пракса, бидејќи сега добиваме пресуди од 2011 и 2013 година“.


На практиката на судовите забележа и претседателот на невладината ЦИВИЛ, Џабир Дерала. Тој потенцираше и дека говорот на омрза во медиумите често поттикнува насилство:


„Говорот на омраза станува дури стил на изразување на голем дел од тие што креираат медиумски содржини. Врз тоа може да се влијае само со поткревање на политичката култура, но нема ништо да направиме ако не се променат судските практики“.


Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани рече дека откако беа распишани локалните избори, не е регистриран ниту еден напад на новинар. Во изминатите неколку години имало 54 напади врз новинарите, а само дваесетина проценти од нив биле истражени, иако за ниту еден напад не е донесена судска одлука. Со политиката на неказнивост, додаде Селмани, не можеме да очекуваме подобрување на слобода на говорот.