Атина: Познат адвокат убиен во својата канцеларија, политичкиот врв во шок

Познат адвокат од Атина бил застрелан во својата канцеларија, а убиството предизвика шок во градот и во политичките партии.


Михалис Зафиропулос (52) беше син на поранешниот претседател на Адвокатската комора на Атина во 80-тите години и поранешен пратеник на конзервативната партија Нова демократија, Епаминондас Зафиропулос.


Убиениот адвокат во текот на изминатите неколку години застапуваше многубројни обвинети за корупција.


Според информациите на полицијата, Зафиропулос го убиле две непознати лица со качулки на главите, кои влегле во неговата канцеларија и се претставиле како клиенти. Канцеларијата се наоѓа во најексклузивниот кварт во Атина. Полицијата вели дека е прерано да се каже кој е мотивот за убиството.


Премиерот Алексис Ципрас побара од заменик-министерот за полиција, Никос Тоскас, што е можно побргу да го расветли грозоморното убиство. Политичките партии соопштија дека се во шок.