Штипските советници од ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија седницата во знак на револт за притворените пратеници

И штипските советници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ ја напуштија третата седница на општинскиот совет, откако вчера тоа го направија советничките групи во Куманово, Берово и Ѓорче Петров.



Советникот Иван Јорданов појасни дека се одлучиле на ваков чекор во знак на реакција и одговор на апсењето на луѓето кои,  како што рече тој, го бранеле уставот на Македонија, додека се ослободуваат сторители на тешки кривични дела.


„Ќе порачаме на МВР и на ЈО дека ако е грев да се сака Македонија и овде има луѓе кои ја сакаат Македонија и кои се терористи“, истакна Јорданов. Тој и неговите колеги носеа маички со натпис „И јас сум терорист“.


Претседателот на Советот на општина Штип, Јане Миланов оцени дека ваквата одлука ќе влијае на работата на општинскиот Совет бидејќи денеска требало да бидат донесени повеќе одлуки.



Градоначалникот, Благој Бочварски во изјава за медиумите посочи дека правда сега бараат оние кои го прекршиле уставниот поредок:


„Советниците мора да знаат дека правдата доаѓа и никој без разлика на членството во политичка партија ќе одговара пред Закон. Можеби ќе ни се отежни работата во однос на денешната седница која е одложена, но верувам дека ќе има разум од нивна страна и ќе продолжиме да работиме во интерес на Штип“.


Советниците од повеќе општини, со демонстративното напуштање на седниците даваат поддршка за нивните сопартијци кои се во притвор, односно за  пратениците кои се дел од 35 –те осомничени  за кривично дело против државата „терористичко загрозување на уставниот поредок“. Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски вчера дека притворањето претставува уривање на демократијата.