Најреткиот вид диносаурус откриен досега

Новооткриениот диносаурус пливач, има врат сличен како на лебед, заби како крокодил и нозе со кои можел да се движи по копно.



Научниците кои го идентификувале новопронајдениот вид, користеле рендгенски зраци за да бидат сигурни дека иако е речиси комплетен, скелетот не претставува само многу неповрзани коски.


„Изгледаше како вонземјанин, како многу работи кои би можеле да се состават заедно“, изјави Винсент Фернандез, еден од авторите на истражувањето околу новопронајдените остатоци на пливачкиот диносаурус.


Таа претпоставка можеби и би можела така да се протолкува, бидејќи 75 милиони години стар фосил, пронајден во Монголија, претходно бил продаден на црниот пазар, пред да дојде во рацете на меѓународниот тим на научници.


Тие тврдат дека фосилот е автентичен и дека станува збор за вториот диносаурус од категоријата пливачи.


Неговото откритие било многу изненадувачко за научниците, земајќи го предвид фактот дека сите негови аспекти допрва треба да бидат истражени.


„Дури и на добро познатите локалитети сѐ уште постои можност да бидат пронајдени нови животни, што покажува на нивната неверојатна разновидност, која никогаш порано не сме ја очекувале“, заклучува коавторот на истражувањето Филип Кири.


Откако ќе се заврши проучувањето, кое се одвива во Белгија, фосилот ќе биде вратен во Монголија.