Интервју со Мирослав Драганов за реформите на Судскиот совет и на правосудството


Правосудството е област во која секоја реформа и секоја нејзина (зло)употреба во пракса има далекосежни последици за граѓаните и тоа и по цели 20 години, а и повеќе, вели во интервјуто за Академик Мирослав Драганов, извршен директор на Институтот за човекови права, правен истражувач и автор на повеќе научни трудови од областа на правосудството.


Кои се вашите забелешки во однос на предложените измени на Законот за Судскиот совет?


Генерален заклучок е дека со предложените измени на Законот за Судскиот совет се продолжува трендот кој беше воспоставен со усвоените измени на овој закон од декември 2017 година, така што и сега се имплементирани голем дел од препораките на кои низ годиниве укажуваше и сè уште укажува Институтот за човекови права, како и препораките на кои укажаа и релевантните меѓународни организации. На пример, некои од нив се:



  • унапредување на принципот на непристрасност, со одземање на правото на глас на претседателот на Врховниот суд на РМ во Судскиот совет во кој е член по функција;

  • намалувањето на мандатот на претседателот на Судскиот совет од три на две години, но сега без право на реизбор затоа што тој е само примус интер парес (прв меѓу еднаквите) во однос на сите членови на ССРМ;

  • објавување на записниците од седниците на Судскиот совет;

  • оневозможување да се избираат судии и јавни обвинители како членови на ССРМ од редот на истакнати правници кои ги бира Собранието на РМ;

  • зајакнување на одговорноста за пропишување на можност за времено оддалечување на член на Судскиот совет во случај кога е одобрен обвинителен акт за кривично дело злоупотреба на службена должност и овластување во вршење на функцијата член на Советот или друго кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци, што го прави недостоен за вршење на функцијата член на Советот;

  • зајакнување на правилата во однос на повторното огласување за избор на судија и (не)изборот на судии по објавен оглас;

  • зајакнување на квалитативните критериуми за оценување на работата на судиите и други измени.


Како најсуштинска измена за која долго време се залагаше Институтот за човекови права е зајакнувањето на квалитативните критериуми за оценување на работата на судијата, така што сега нивниот сооднос со квантитативните критериуми е 60 % наспроти 40 %, т.е. максималниот број на бодови што може да ги добие еден судија врз основа на квалитативните критериуми е 120, а врз основа на квантитативните е 80 бодови. Важно е да се напомене дека по речиси осум години оценување на работата на судиите преку бодови, кои беа во најголем дел квантитативни, за прв пат со овие измени се воведуваат следните квалитативни критериуми: (1) бројот на укинати одлуки заради сторена битна повреда на постапката во однос на вкупниот број на решени нормирани предмети; (2) како и квалитетот на донесени одлуки, а воедно се доразработуваат веќе постојните критериуми со цел да дадат пообјективна слика на работата на судијата за времето од две години за кое се оценува. Првото оценување на работата на судиите по овие објективизирани критериуми ќе биде направено во јуни 2020 година, и тоа за нивната работа во 2018 и 2019 година. Значи, првото пообјективно унапредување на судиите ќе се изврши во 2020 година.


Сепак, и покрај големиот број препораки кои се прифатени и со овие законски измени, како и најавата дека на посуштинските реформи ќе се работи во следниве неколку месеци, можам да посочам на одредени забелешки и на овој предложен законски текст, и тоа:


1. Во членот 41 од Законот за Судскиот совет, кој е во сила уште од 2006 година (во времето кога немало оценување на работата на судиите со бодови), недостасува дополнување со една одредба која би прецизирала дека квалитативните критериуми наведени во овој член се вкалкулирани во квалитативните критериуми кои се бодираат и се содржани во предлогот на новиот текст на членовите од 108 до 114. Ова е важно да се допрецизира затоа што од досегашното искуство може да се забележи дека членовите на Судскиот совет при изборот на судии во повисоките судови некогаш се повикуваа на критериумите од овој член 41 кои не се изразени во бодови, а некогаш не се повикуваа. Сега, кога законски (со предлог-текстот) квалитативните критериуми се со повисок процент од квантитативните, оценувањето на работата на судиите со бодови е далеку порелевантно и не треба да се остава простор за каква било „игра“ од страна на членовите на Судскиот совет со кандидатите кои се веќе рангирани во рамки на утврдената ранг-листа.


2. Без разлика на деталното законско утврдување на критериумите и нивно објективизирање, а со тоа и рангирањето на кандидатите, доколку нема измена на членот 42 ставот 2, за судија во повисок суд ќе биде избран тој судија што ќе го добие потребното мнозинство гласови од членовите на Судскиот совет (двотретинско мнозинство од сите членови и мнозинство од вкупниот број членови припадници на заедниците). Поради тоа, со цел да се избираат најдобро рангираните кандидати, како што е предвидено и во Законот за судовите, неопходна е измена на членот 42 ставот 2, така што да гласи: „За судија е избран кандидатот кој има највисок број бодови на утврдената ранг-листа, а во случај најмалку двајца кандидати да имаат ист број бодови кои се најголеми во однос на другите кандидати, избран е кандидатот кој добил две третини гласови од вкупниот број на членови на Советот со право на глас.“


3. Временото оддалечување на член на Судскиот совет при одобрен обвинителен акт против него, во согласност со предложените измени, е за поздравување во однос на зајакнување на нивната поединечна одговорност, но е недоволно за зајакнување на колективната одговорност на членовите на Судскиот совет.


Се надевам дека овие забелешки ќе бидат земени предвид при следните законски измени кои се најавуваат за летово.


Според вашите анализи, кој е генералниот заклучок за досегашната работа на Судскиот совет?


По спроведеното следење на работата на Судскиот совет, од ноември 2016 до март 2018, од страна на Институтот за човекови права, генералниот заклучок е дека транспарентноста, отчетноста и ефективноста, што беа предмет на мониторирање на работата на Судскиот совет на РМ, не се на задоволително ниво, иако во подоцнежниот период на мониторирање се забележа извесен напредок во имплементирањето на овие стандарди. Наспроти фактичката состојба, само за потсетување, во Етичкиот кодекс за членовите на Судскиот совет на РМ, кој е донесен во 2010 година, меѓу другото, е наведено: „Во очите на разумен, праведен и информиран човек, однесувањето на член на Советот треба да е беспрекорно.“


Каков Судски совет ѝ е потребен на Република Македонија?


За да одговориме попрецизно на ова прашање треба да имаме предвид два аспекта: (1) моделот на Судскиот совет и неговата поставеност во регулативата и (2) практичното извршување на функцијата од страна на членовите на Судскиот совет. Униформен модел на ниво на Европа, кој би дал најдобри резултати, не постои, но треба да ги имаме предвид најдобрите европски практики низ годините, заклучоците и препораките на Консултативниот совет на европските судии, на мислењата на Венецијанската комисија и сето тоа во корелација со македонскиот контекст од аспект на традиција, култура, развиена свест, менталитет, образование, искуство, а особено степенот на корупција и чувството за морална одговорност и отчетност на носителите на јавни функции. За таа цел неминовно е земањето предвид и на извештаите од мониторингот кој веќе неколку години го спроведува Институтот за човекови права, како и на официјалните податоци од институциите и другите релевантни граѓански организации кои имаат подолгорочна работа во различни аспекти од правосудството. Како една од нашите препораки е депрофесионализацијата на членовите на Судскиот совет, така што дел од своето работно време да ја вршат својата професија (судија, или пак во другите области од кои се избираат истакнати правници). За таа цел за неколку дена Институтот за човекови права ќе објави краток документ за јавна политика (Policy Brief ) во однос на оваа тема.


Кои се клучните реформи кои треба да се направат во правосудството?


Правосудството е област во која секоја реформа и секоја нејзина (зло)употреба во пракса има далекосежни последици за граѓаните и тоа и по цели 20 години, а и повеќе. Голем дел од реформите што се прават во периодов се навистина за поздравување и во иднина треба да следуваат посуштински реформи во сите области, за кои е потребна голема ангажираност и ефективно учество од сите засегнати страни, а особено од сите надлежни институции. Ефектот од сите реформи граѓаните можат да го почувствуваат во иднина, а сегашниот ефект е резултат на (зло)употребата на реформите во минатото. Такви реформи во скорешната иднина се потребни и во законската поставеност, за што одговорност имаат особено Владата и пратениците во Собранието во РМ, но особено и во практичната примена, и тоа во многу области на правораздавањето, како што се: Судскиот совет, Советот на јавни обвинители, судовите, и тоа особено управното судство, јавното обвинителство, Адвокатската комора и адвокатите, Нотарската комора и нотарите, Комората на извршителите и извршителите, но и вештаци кои се од различни области, но и органите на управата и самостојните органи со кои граѓаните имаат секојдневен контакт. И на крајот да не ги заборавиме судиите, па само лично ќе прашам: Зошто судиите да не бидат преоценети врз основа на вака објективизираните критериуми? Зарем не е фер кон кого било ако судиите кои (не) се унапредени во изминативе 8 години по необјективни и квантитативни критериуми и различна примена на рангирањата во пракса овој пат бидат оценети по објективни и, пред сè, квалитативни критериуми? Дискусијата на овие теми не треба да се стави под черга, туку да се пронаоѓаат најсоодветни решенија за зголемување на довербата во правосудството.


M.В


 


The post Интервју со Мирослав Драганов за реформите на Судскиот совет и на правосудството appeared first on Академик.