ИНТЕРВЈУ: Оливер Ристовски, заменик министер за правда, за реформите во правосудството


 „Стратегијата за реформи во правосудството работната група ја изготви како петгодишна стратегија. Во следните пет години се предвидени сите можни реформи што сметавме дека се нужни врз основа на Извештајот на Прибе, Венецијанската комисија и сите забелешки што ги има дадено Европската Унија за функционирање на правосудниот систем. Но оваа петгодишна стратегија не значи дека пет години ќе се менуваат законите. Планот и рокот се да завршиме со измените на законските решенија до 2018 година, а понатаму, во три и полгодишниот период да се следи примената на законите и измените што произлегуваат од тие закони“, вели заменик министерот за правда, Оливер Ристовски.


Првенствено, посочува заменик министерот, како една од позначајните и поатрактивни работи во оваа Стратегија е укинувањето на Вишиот управен суд и префрлувањето на надлежноста што сега ја има во Врховниот суд како одделение за управни спорови.  Дел од стратегијата е и укинувањето на дел од помалите судови во Република Македонија.


„Ова укинување нема да оди сега веднаш, затоа што првично треба да се направи сеопфатна анализа за нивното функционирање, бројот на влезени предмети што ги имаат, како и исплатливоста на судот во неговото функционирање. Според идејата, укинувањето на  помалите судови во Македонија би било во таа насока што тие ќе бидат одделенија на најблискиот поголем суд“, истакнува Ристовски.


„Исто така, ќе има намалување на бројот на судии бидејќи според сите укажувања и податоци, Република Македонија со оглед на нејзината големина и жители има премногу судии. Намалувањето на судиите ќе биде отприлика за 10-15% од судиите. Имено, ако сега се над 600, со намалувањето би имало 500 и нешто судии на територијата на цела Македонија“, вели заменик министерот.


Тој додава дека во контекст на Стратегијата за реформи на правосудството, значајна реформа е и укинувањето на Советот за факти. Ова решение, истакнува Ристовски, е подготвено и ќе оди во владина процедура.


„Се предвидува проширената надлежност на овој Совет да оди во Судскиот совет. Во таа смисла, ќе започнат и законски измени за Судскиот совет паралелно со измените на Законот за судови. До нова година ќе се работи на поголеми законски измени за Судскиот совет, особено во делот на одговорноста на судиите и форматот на Судскиот совет. Планот е Судскиот совет да биде полупрофесионален. Што значи тоа? Тоа значи дека осумте судии кои се членови на Судскиот совет и кои ги избираат судиите да судат, значи да не бидат оддалечени од судиската работа, додека, пак, другите 5 членови на Судскиот совет да бидат професионалци. За оваа цел, потребно е да се зголеми капацитетот на Судскиот совет, се разбира, преку зголемен број судски соработници, персонал и опрема што сигурно ќе има финансиски импликации, меѓутоа, ова е приоритет и средства ќе бидат обезбедени соодветно“, вели Ристовски.


„Сметаме дека попрактично е судиите да судат и да не се тргнат од својата работа. Ќе им се намали нормата, ќе имаат повеќе време да се посветат на работата на Судскиот совет, па сепак овие судии ќе бидат со своите колеги, но и со народот. Планот е овие големи нормативни зафати да завршат во 2018 година“, образложува Ристовски.


Заменик министерот за правда подвлекува дека според Стратегијата, ќе се направат и законски измени во однос на Академијата за судии и јавни обвинители. Можеби погрешно беше пренесено во  јавноста, нагласува Ристовски, дека Академијата ќе се укинува.


„Академијата за судии и јавни обвинители нема да се укине, зошто би се укинувала, нема потреба од такво нешто. Но, промени да, промени ќе има. Според наше мислење, а и според мислењето на експертската јавност, проблематичен е форматот на самата Академија според кој таа функционира. Сакаме да предвидиме решение, ќе видиме дали ќе успееме во тоа, треба да се направат дополнителни консултации, покрај изборот на судии и јавни обвинители од редот на Академијата, барем во еден почетен период, да можат да се изберат и истакнати правници, со што јасно би биле дефинирани критериумите за истакнати правници. Но, тоа не значи дека избраните од редот на истакнати правници не би оделе на обука во Академијата. Би оделе, секако, откако ќе бидат избрани, но би оделе на кратки обуки од 3, евентуално до 6 месеци. Ова би биле практични обуки, не теоретски“, истакнува Ристовски.


Во делот на адвокатурата, образложува заменик министерот, Министерството за правда нема надлежност да се меша директно во работата на адвокатурата и Адвокатската комора на Република Македонија. Во Стратегијата, вели Ристовски, е нагласена потребата од продлабочена соработка помеѓу Министерството за правда и АКРМ и во таа насока е и предлогот за младите адвокати да поминуваат на обука.


„Сите области во македонското правосудство имаат обука, освен адвокатите и ние сметаме дека е потребно и адвокатите да имаат таква обука. Нема ништо лошо за адвокатурата во однос на тоа, напротив. Во Нацрт-стратегијата нема ништо што е во спротивност или што не е во интерес на адвокатурата. Како што реков, ние не можеме да се мешаме во работата на Адвокатската комора на Република Македонија, ниту тоа е нашата цел. Укажуваме само на некои работи, замолуваме за интензивна соработка. Проблемот на адвокатурата е системски, особено во поглед на процесните закони кои ја тангираат адвокатурата. Предвидуваме измени на Законот за парничната постапка и Законот за кривичната постапка со решенија кои одат во прилог на адвокатурата. Идеите се големи. Еве на пример, ќе се укине вештачењето во граѓанските постапки да се дава однапред и јас како адвокат низ мојата практика наидував на многу проблеми во однос на тоа. Со ова решение беше полошо како за адвокатите така за граѓаните и на крајот пак се доаѓаше до некое трето вештачење. Ова ќе им олесни на адвокатите. Преку ваквите измени може само да се подобри положбата на адвокатурата, нема да се отежни работата на адвокатурата и професијата ќе си дојде на своето место“, вели Ристовски.


Во однос на реформите во Јавното обвинителство, заменик министерот за правда вели дека фокусот на овие реформи е заснован врз Извештајот на Прибе. Како што може да се види, вели Ристовски, стратегијата е мошне усогласена со последниот извештај на Прибе.


„Стариот извештај беше наша водилка за реформите во Обвинителството. На законските измени за Обвинителството ќе работи експертска група, обвинители, практичари, како и  претставници од Министерството за правда. Сè уште не сме одлучиле до крај за Специјалното јавно обвинителство, но идејата е да биде дел од редовното Обвинителство. Останува да се реши прашањето дали ќе биде одделение како што е Одделението за организиран криминал или ќе добие повисока форма, со што ќе му се зголеми надлежноста и покрај овој дел што сега го работи да добие предмети што се однесуваат на корупција на високи функционери“,  истакнува Ристовски.


Конфискацијата на имотот проследен со законски решенија според европски стандарди и Законот за амнестија исто така се новини кои ги најавува заменик министерот за правда, Оливер Ристовски.


„Законот за амнестија премиерот веќе го најави при посетата на Идризово каде што увиде дека условите се страшно лоши. Овој закон е подготвен и набргу, по владината процедура и изборите, ќе биде пратен во парламентарна процедура. Би требало до нова година да се затвори ова прашање. Со овој Закон за амнестија сите казни до 6 месеци се простуваат со што се изземени одредени кривични дела и тие нема да влезат во амнестијата“, вели заменик министерот за правда.


„Работните групи за нотаријатот и извршувањето се формирани. Задача на Министерството за правда е до 31 октомври да ги испорача во Владата. Оставено е на работната група да предложи решенија кои се стремат кон тоа да се изнајдат баланс и модус сите да бидат задоволни. Ќе се вратат решенијата во однос на полагањето и нема да бидат дел оние работи што  немаат значење ниту за нотарите, ниту за граѓаните.  Во работната група има тројца нотари, има адвокат, има претставник од Комората на извршители и од Стопанската комора, значи луѓе од практиката. За Законот за извршување имаше мал застој со оглед на оставката на нејзиниот претседател“, посочува Ристовски.


Заменик министерот за правда најавува и измени на законските решенија за правосудниот испит. Со измените, вели Ристовски, се воведува повторно усниот дел. Не е во ред, вели заменик министерот, некој да сака да биде  адвокат или судија, а да не го слушнете како говори.


Љубов кон адвокатурата имав уште од училишна клупа. Не сакав да бидам судија, иако татко ми беше судија. За време на студиите омилени ми беа кривичните предмети. Дипломирав во 1988 година и веднаш започнав како приправник во адвокатска канцеларија. Полагав според стар систем во Белград и исто така веднаш отворив адвокатска канцеларија. Во тоа време можеби бев најмлад адвокат, имав 26 години. Како адвокат се определив повеќе за граѓанското право, па така низ 27-годишната работа како адвокат работев граѓанско и управно право, традиција која сега ја продолжуваат мојата сопруга и ќерка. За нивната работа, како што знаат и умеат нека се снаоѓаат, јас таму веќе не се мешам.


М.В


 


The post ИНТЕРВЈУ: Оливер Ристовски, заменик министер за правда, за реформите во правосудството appeared first on Академик.