„Економскиот криминал ги загрозува човековите права“ – Интервју со хрватската професорка по казнено право д-р Сунчана Роксандиќ-Видличка


Економскиот криминалитет претставува закана по човековите права, вели  во интервјуто за Академик универзитетската професорка Сунчана Роксандиќ-Видличка, која предава на катедрата по казнено право на Правниот факултет при Универзитетот во Загреб и е автор на книгата „Прогонот на економските казнени дела како злосторство против човештвото“, која е нејзино најново дело.


„Како што е наведено во извештајот на Јавното обвинителство на Република Хрватска за 2016 година, работата на случаи на економски криминал е оптоварена со големи тешкотии и самото докажување за тие дела во кривичната постапка се покажа исклучително тешко, меѓу другото, бидејќи голем број од нив во согласност со фактичката и правната природа подразбираат поседување на посебни специјализирани знаења од областа на финансиите, сметководството и сл. Тешкотиите во докажувањето се дополнително предизвикани од недостигот на деловна документација. Затоа, гонењето на овие дела во голема мера зависи од високата стручност, посветеност, ефикасност и соработка меѓу органите надлежни за откривање и телата на финансиска контрола со Јавното обвинителство. Исто така, зависи од знаењето и поврзувањето на одредбите од трговското право и деловното право со кривично право, кога станува збор за работата на обвинителството и судството во однос на овие дела, односно заштита на објектот на економското казнено дело – функционирањето на економијата, но исто така и заштита на претприемачите, а со тоа и на економските и социјалните права во целина, јасно е дека економскиот криминал, особено ако е несоодветно санкциониран, во целост ги загрозува човековите права и економско-финансиската стабилност на земјата“, образложува професорката Сунчана Роксандиќ-Видличка во врска со прашањето за економскиот криминалитет како опасност и закана за човековите права.


Предлагате најтешките облици на економски криминал да не застаруваат, односно да се третираат како злосторството против човештвото. Би можеле ли да ни посочите зошто е потребно да се стори тоа?


Како што е предвидено во Конвенцијата на ОН за борба против корупцијата, незастарувањето на кривичните дела треба да се прошири и кон економските казнени дела. Тоа e и официјално мислење на Комисијата чиј предмет на работа се овие кривични дела. Што се однесува до најтешките дела од оваа област кои имаат големи последици, доколку во исто време во нивното сторување се исполнети и елементите на злосторствата против човештвото, јас не гледам причина зошто не би се  гонеле како и останатите дела со кои намерно се предизвикува страдање, тешки телесни повреди или тешко нарушување на здравјето. Тоа, се разбира, би биле само исклучителни случаи. Понекогаш, кога постои врска меѓу политиката и економските казнени дела, нивното процесирање е исклучително тешка работа. Меѓутоа, ова не е случај само во регионот, тоа е присутно насекаде, како денес така и низ историјата.


Кој е најефективниот начин за борба против економскиот криминал и корупцијата?


Разбирањето на битието на тие дела е од клучно значење за сите правосудни органи. Подигањето на свеста кај граѓаните, но и претприемачите, за штетноста на тие дела исто така е многу важен елемент за нивниот прогон. Ефикасната економија, според мене, е клучот за  висок економски развој, како и претприемачката конкуренција. Од тоа сите профитираат. Економските казнени дела, вклучувајќи ја и корупцијата, не придонесуваат кон тоа. Мислам дека германските и шведските решенија за справувањето на овој вид на криминалитет се добри, односно етаблирање на посебни  специјализирани судови кои би одлучувале по овие дела, или како по примерот на Хрватска – посебни  судски одделенија.


Објавивте книга за економскиот криминал. За што поконретно станува збор во ова ваше дело кое беше објавено неодамна?


Сè повеќе се разгледува можноста околу начинот на определување на економските кривични дела во меѓународната правна арена. Кога се врши набљудување на судења за тешки економски кривични дела, вклучително и воено профитерство, тогаш се забележува дека нивното сторување зависи од односот помеѓу бизнисот, од една страна, и високата политика, од друга, при што во принцип никогаш не завршуваат со очекуван правен епилог. Особено тоа е случај со земјите во транзиција. Улогата на мултинационалните компании е во тој поглед исклучително важна. Почитувањето на човековите права и регуларното работење на компаниите денес претставува едно од основните области на интерес во ЕУ. Тоа понатаму придонесува кон заштита на сигурноста на граѓаните и избегнувањето на нови конфликти. Германската правна доктрина веќе подолг период се занимава со оваа проблематика, па дури имаат и создадено посебна субдисциплина: меѓународно економско казнено право, како предмет на истражување и проучување. Токму таа тема е обработена и во мојата новоиздадена книга – како нашето искуство со транзициските економски кривични дела е вклопено во светските и регионалните трендови.


Во книгата, покрај европската практика и ЕУ-стандардите во сузбивање на овој криминалитет, се прави компаративен осврт на тоа како Африканската Унија прави напори за спречување на овие дела. Понатаму како Европскиот суд за човекови права со своите одлуки ги штити економските и социјалните права на граѓаните, а како кон тој проблем пристапуваат телата кои се задолжени за спроведување на транзициската правда – тука акцентот е ставен на заштитата на економските, социјалните и културните права во дискурсот на транзициската правда. Оваа книга понатаму го поврзува дискурсот на меѓународното казнено право со меѓународната заштита на човековите права, вклучително и супранационалната криминологија, политичките науки, транзициската правда, (економските казнени дела) и меѓународното казнено право со цел изнаоѓање на аргументи зошто е неопходно да се започне со гонење и процесирање на тешките економски кривични дела како меѓународни казнени дела.


Во книгата понатаму е содржана и феноменологијата на тешките економски кривични дела, посебно на оние дела чие дејствие се случува пред и за време на воените конфликти, во т.н. транзициски период. Исто така, во книгата се содржани и истражувањата на новонастанатите облици на „криминалитет на белите јаки“ од политички карактер, започнувајќи од Нирнберг до денес. За да се оправда примената на ваков пристап во решавањето на тешките казнени дела, книгата, меѓу другото, се занимава и со прашањето како овие дела на „белите јаки“ во нивниот најтежок вид еволуирале до казнување во рамките на меѓународното кривично право. Во секој случај, тешките економски кривични дела имаат подлога за процесирање која е дефинирана во согласност со начелото на легалитет. Исто така, артикулирана е и потребата за остварување на целите на транзициската правда, одговарајќи на прашањето – дали воопшто можат да се остварат дефинираните цели доколку би немало кривичен прогон на тешките економски казнени дела извршени во текот на конфликтите и транзицијата. Денес во Република Хрватска, како и во ЕУ – одредена група на високо профилни претприемачи имаат обврска да достават извештај во кој се објаснува како тие ги почитуваат човековите права и како во нивното работење нема корупција.


Полека но сигурно, оваа тема станува незаобиколна, како во економијата така и во правосудството, но и во креирањето на безбедносните политики.


М.В


The post „Економскиот криминал ги загрозува човековите права“ – Интервју со хрватската професорка по казнено право д-р Сунчана Роксандиќ-Видличка appeared first on Академик.