„Градиме мостови на соработка помеѓу САД и Македонија“ – проф. д-р Мишо Докмановиќ, претседател на Македонско-американската алумни асоцијација


Со проф. д-р Мишо Докмановиќ, професор на Правниот факултет, разговараме за „One night in America“ – претстојниот добротворен концерт на Македонско-американската алумни асоцијација, тековните активности на организацијата и нивните идни планови за продлабочување на меѓусебната соработка и размена помеѓу Р Македонија и САД.


Професоре Докмановиќ, неодамна бевте избран за претседател на Македонско-американската алумни асоцијација. Што претставува оваа асоцијација?


Македонско-американската алумни асоцијација (МААА) претставува здружение на учесници на програми за академска размена, професионално усовршување и развој на кариера спонзорирани од Владата на САД, формирана во 2000 година. Секоја година поединци од нашата земја, професори, доктори, уметници, претставници на граѓанскиот сектор, средношколци, постдипломци и др. учествуваат на голем број програми во САД.



Традицијата на учество на претставници од Македонија беше востановена уште во шеесеттите години од минатиот век кога првите учесници заминаа на програмата „Фулбрајт“. Можеби ќе бидете изненадени од фактот, но досега има над 1100 учесници од нашата земја на овие програми. Тоа претставува голема инвестиција и потенцијал кој може да биде искористен во развојот на нашето општество.



Што се однесува до изборите, во јули оваа година бев избран од членовите за нов претседател на организацијата за мандатниот период 2017-2019 година. Ме радува фактот што за првпат по подолго време беа организирани избори на кои се одлучуваше со тајно гласање во два круга и од четворица пријавени кандидати. Тоа покажува дека постои голем интерес за организацијата и промоцијата на идните активности, но истовремено претставува и поголема обврска за мене. Претходни претседатели на МААА беа: проф. д-р Дончо Донев (2000-2006) и проф. д-р Атанас Кочов (2006-2017).



Какво е значењето на асоцијацијата и кои се придобивките од активностите на асоцијацијата за македонските студенти?


МААА активно работи на промоција на можностите за усовршување на нашите студенти, научници и професионалци во САД. Постојат многу можности и се обидуваме да ги заинтересираме да стекнат дополнително животно искуство кое би можеле да го искористат во својата идна кариера во нашата земја. Како професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, честопати се наоѓам во својство на промотор на овие програми за кои мора да признам дека постои голем интерес кај студентите. Сепак, системот на високото образование во САД е можеби најдобриот во светот и интересот на студентите е логична последица. Согласно нашиот статут, студентите од Македонија можат да станат членови на МААА по завршувањето на престојот во САД.



Кои се Вашите планови за идното функционирање на асоцијацијата?


По еден период на хибернација на организацијата, во изминатите неколку месеци презедовме интензивни активности за ревитализација, но и за подобрување на видливоста на МААА во јавноста. Со задоволство можам да ве известам дека во следниот период ќе слушнете уште многу за организацијата. Ме радува фактот што во организацијата има голем ентузијазам и позитивна енергија да се имплементираат нашето искуство и знаење стекнато во САД и да се создаде едно подобро, подемократско и посреќно општество.



Следен значаен настан на организацијата е големиот добротворен концерт на американска поп и џез музика во изведба на Биг-бендот на МТВ кој ќе се одржи во новата зграда на Македонската филхармонија на 1 декември 2017. Концертот насловен „One night in America“ е замислен како едно патување низ најпопуларните композиции на американскиот поп и џез од Френк Синатра до Ела Фицџералд. Средствата од концертот ќе бидат наменети за хуманитарни цели. Билетите се во продажба и ги охрабрувам вашите читатели да го посетат и да уживаат во звуците  на „One night in America“.



Покрај тоа, во изминатите неколку месеци, промовиравме ново лого, слоган и веб-страница на организацијата. Кон крајот на декември, по подолго време ќе излезе и новиот број на нашиот билтен. Одржуваме редовни средби со нашето членство на кои разменуваме искуства и идеи за идни активности, како и поддршка на нашите членови во нивните настани. Во подготовка сме на работилници за стратешко планирање на организацијата. Со еден збор, се трудиме да го промовираме нашето стратешко партнерство со Соединетите Американски Држави, но и економската и академската соработка, како и соработката во областа на културата и уметноста. За повеќе информации, можете да ја посетите нашата нова веб-страница (www.maaa.mk).


М.В


The post „Градиме мостови на соработка помеѓу САД и Македонија“ – проф. д-р Мишо Докмановиќ, претседател на Македонско-американската алумни асоцијација appeared first on Академик.