Бројни недоследности во АКМИС системот: Рачна распределба на предмети и чести промени на годишните распореди за работа

Основниот суд Скопје 1 Скопје во рок од две години десет пат го променил годишниот план за работа. Само  лани во септември бил променет три пати. Во овој суд исто така, постојат и 860 предмети во кои не е доделен судија. Ова се дел од недоследностите констатирани во првиот извештај за функционирањето на Автоматизираниот информациски систем за управување со судските предмети АКМИС. Заклучоците од увидот денеска на прес конференција ги обелодени министерот за правда, Биљен Саљији.


Тој соопшти дека без писмена одлука и без образложена причина, судии во Основниот суд Скопје 1 Скопје биле исклучувани од автоматската распределба на предметите. Тоа се правело со јавување во судската писарница.


Што се однесува до 860-те предмети во кои не е доделен судија, претседателот на работната група, Лазар Нанев рече дека со ова се доведува во прашање точноста на статистичките податоци во месечните и годишните извештаи за работа на судот и на судиите коишто се доставувани до повисоките судови, судскиот совет на Република Македонија и Министерството за правда.


Работната група констатирала дека во Апелацискиот суд комисијата утврдила дека АКМИС е имплементиран, освен во делот за судската управа.


Во Врховниот суд  пак, овој систем се применувал според претходно применета рачна прераспределба на предмети со одлука на претседателот на судот, но во спротивност со судскиот деловник.


Инаку, потребата од извршување увид во работата на АКМИС системот е резултат на, како што кажа ресрониот министер, извештајот од експертската група на Прибе, според која имало индиции за злоупотреба на системот на автоматска распределбса на предмети во судовите. Саљији најави дека извештајот ќе го достават до надлежните институции.