Анализа на казнената политика на судовите во Република Македонија


Прашањето за одмерување на кривичните санкции веќе неколку години е актуелно меѓу правната фела. Очигледно е дека начинот на одмерување на казните од страна на судовите предизвика различни дискусии и гледишта, вели м-р Андреј Божиновски, правен советник во Здружението на судии.


Општите одредби на Кривичниот законик (КЗ) ги даваат општите правила за одмерување на казната. Со измените на КЗ од 2014 година беше воведена одредба дека судовите ќе ја одмеруваат казната во согласност со посебен Правилник донесен од страна на претседателот на Врховниот суд.


Измените, вели Божиновски, предизвикаа одредени реакции кај правната професија, особено од аспект на дискреционото право на судијата да ја одмерува казната, како и од аспект на основниот принцип на индивидуализација на казнувањето. Набрзо потоа, на 30 декември 2014 година, беше донесен посебен Закон за одредување на видот и одмерување на висината на казната (Закон за одмерување на казната) кој востанови концепциски реформи во нашето казнено материјално и процесно право и со кој, меѓу другото, се пропишува начинот на кој судиите треба да ја одмеруваат казната во секој предмет.


Здружението на судиите на Република Македонија, во соработка со Амбасадата на САД во Република Македонија, а во рамките на проектот „Зајакнување на улогата и независноста на судиите во Република Македонија“, активно работи на анализа на казнената политика на судовите во периодот од донесувањето на Законот за одмерување на казните до моментот на неговото укинување, и има за цел да даде одговор на прашањето – што понатаму во воедначувањето на казнената политика. Анализата е резултат на истражувањето на група домашни експерти (универзитетски професори и практичари).


„Потребата за реализирање на една ваква Анализа произлезе од суштината на овој закон, особено што со него за прв пат се воведуваат објективни критериуми за одредување и одмерување на видот и висината на казната. Анализата треба да понуди одредени толкувања за дилемите на експертската јавност (судиите, обвинителите и адвокатите) при примената на Законот за одмерување на казната, имајќи ги предвид предлозите и препораките од анкетираните целни групи, разговорите со релевантните претставници кои работат на оваа материја, како и разгледаните пресуди од судовите“, истакнува Божиновски.


„Невоедначеноста на изречените казни и други санкции е последица не само на благата казнена политика на судовите туку и на неадекватното решение за стварната надлежност на судовите, според кое на врвот на судската хиерархија стојат апелационите судови, додека Врховниот суд, кој според членот 101 од Уставот е највисоката судска институција што го обезбедува единството во примената на законите од страна на судовите, нема инструменти, посебно преку системот на правни лекови, преку кои би можел да ја извршува таквата функција“, посочува м-р Андреј Божиновски, правен советник во Здружението на судии.


Начелните правни мислења и ставови на Врховниот суд, додава Божиновски, се единствениот инструмент со кој би можело да се влијае врз воедначување на казнената политика на судовите, меѓутоа ниту овие инструменти не можат да наложат подетални правила за кои би требало да се држат основните и апелационите судови при оценувањето на околностите што се релевантни за одмерување на казната.


Во однос на примерите од практиката на користењето на Законот за одмерување на казните, интересен беше случајот од апелациското подрачје Битола, коешто денеска Божиновски го претстави пред присутните на стручната расправа во организација на Здружението на судии, а во однос на одмерувањето на казните од страна на Апелацискиот суд во Битола. Значајна беше дискусијата во однос на овој предмет, особено во фактот на одлучувањето на Судот со намалување на бодот на олеснителните околности наспроти отежнувачките, имајќи го предвид фактот дека Апелацискиот суд при одлучување не ги користи работните листови од Законот за одмерување на казните во постапката на одлучување по жалба. Меѓутоа значаен е и овој придонес во Анализата.


Судиите и професорите дискутираа за кривичното законодавство во светло на реформата на правосудството


Научна и стручна расправа за пристапот до правдата и реформите во судството, во организација на Здружението на судии


М.В


The post Анализа на казнената политика на судовите во Република Македонија appeared first on Академик.